ЕУ како трет играч во спорот меѓу Скопје и Софија

Предлогот на премиерот предизвика внимание и во Скопје и во Софија. Иницијативата, која Мицкоски ја реафирмираше од Вашингтон, повторно ја отвори дебатата за можната улога на Брисел во надминувањето на спорните прашања меѓу двете земји. Таа доаѓа во пресрет на посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Западен Балкан кон крајот на месецот, период во кој повторно се актуализираат прашањата поврзани со проширувањето на Европската Унија и односите меѓу Скопје и Софија.
Бугарските медиуми деновиве детално ги пренесуваат изјавите на премиерот дадени за време на неговата посета на САД, вклучително и интервјуто за државната агенција МИА, во кое тој нагласува дека темата за односите меѓу Северна Македонија и Бугарија останува неизбежна во разговорите со европските претставници.
Мицкоски: На масата треба да има и претставник на ЕУ
Во интервјуто за МИА објавено на 19 септември, Мицкоски посочи дека со европските партнери редовно се разговара за спорните прашања со Бугарија, но нагласи дека не сака да влегува во процеси без јасно дефиниран и предвидлив исход.
„Не сум од оние луѓе кои брзоплето ги прават работите во политиката. Бараме решенија, но никогаш нема да влезам во процес без да имам предвидлив крај“, истакна Мицкоски.
Според него, предуслов за каков било напредок е градењето доверба меѓу двете страни.
„По мене, за да дојдеме до еден таков процес, најпрвин треба да изградиме доверба, а за тоа треба да разговараме. Треба таа желба да постои и од двете страни, ова е двонасочна улица“, рече премиерот.
Тој нагласи дека Владата е подготвена да разговара за усогласување на Акцискиот план за малцинствата, но со присуство на меѓународната заедница.
„Ќе го водиме процесот паралелно, подготвени сме да разговараме за усогласување на Акцискиот план за малцинства, се разбира во присуство на меѓународната заедница. Ако водиме дијалог само со нашиот источен сосед, тогаш се потврдува она што ние велиме дека е билатерално прашање. Затоа ценам дека е потребно да имаме уште еден на масата. Еве тоа нека биде претставник од Европската Унија“, порача Мицкоски.
Премиерот оцени дека односите со Бугарија се тема на разговор и со претставниците на Советот на ЕУ и Европската комисија, како и со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и високата претставничка за надворешна политика Каја Калас.
Пораки од самитот Конкордија
Премиерот испрати пораки за евроинтегративниот процес и на самитот „Конкордија“ во Њујорк, кој се одржува паралелно со Генералното собрание на Обединетите нации.
Тој посочи дека Северна Македонија повеќе од две децении се обидува да стане дел од ЕУ, но дека процесот честопати бил оптоварен со условувања кои не се поврзани со реформите. „За нас, за мојата генерација, преговорите со ЕУ беа начин да се променат институциите, а не идентитетот. За жал, има земји-членки кои се обидуваат да решаваат билатерални прашања преку процесот на пристапување“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека фрустрацијата кај граѓаните е голема поради бројните отстапки направени во изминатите години, но нагласи дека државата и натаму останува посветена на европските вредности и членството во ЕУ како стратешка цел. Осврнувајќи се на пораките што пристигнуваат од Брисел, Мицкоски рече дека по самитот меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан во Тиват се слушаат позитивни сигнали за иднината на процесот на проширување.
Идејата за трета страна не е нова
Во изјава за ТВ Канал 5, претседателот на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, Марко Трошановски, и политичкиот аналитичар Петар Арсовски оценија дека предлогот за вклучување посредник во дијалогот не претставува нова иницијатива.
Според Арсовски, посетата на Урсула фон дер Лајен може да даде дополнителен политички поттик за побрза одблокада на евроатланските интеграции. Било каков план или наш предлог или некаква идеја како тоа да се постигне побрзо, сигурен сум дека ќе биде добредојдено од страна на ЕУ и ќе се соочи со понуда за помош“, изјави Арсовски.
Трошановски оцени дека Акцискиот план за правата на малцинствата и заедниците има широка поддршка во европските институции. „Тој доби недвосмислена поддршка од сите органи на Советот на Европа, од сите земји-членки и од Европската комисија, со исклучок на Бугарија“, рече Трошановски.
Покрај Акцискиот план за правата на малцинствата, за да се облокира процесот, Северна Македонија треба да ги внесе Бугарите во Уставот пред одржувањето на втората меѓувладина конференција и отворањето на следната фаза од пристапните преговори.
Во ЕУ има нова енергија за проширувањето
На процесот на проширување се осврна и австрискиот амбасадор во Северна Македонија, Мартин Памер, на настан организиран од иницијативата „Славков 3“ во Европската куќа во Скопје.
Тој посочи дека во моментов постои засилен интерес во Европската Унија за проширување кон Западен Балкан и дека министерската конференција што ќе се одржи на 27 септември во Виена ќе биде уште една можност за поттикнување на реформските процеси.
„Она што е позитивно е дека има особена заинтересираност за процесот на проширување и дека за разлика од порано, денес зборуваме и за конкретни држави кои би можеле да станат членки на Унијата“, изјави Памер.
Тој потсети дека Северна Македонија успешно ги спроведува реформите поврзани со Планот за раст на ЕУ, поради што на земјата ѝ се наменети 140 милиони евра поддршка.
Памер оцени дека идниот период ќе биде важен и за конкретни придобивки за граѓаните, меѓу кои и постепеното укинување на трошоците за роаминг меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија. „Важно е да се одржат чекорот, посветеноста и издржливоста. Проширувањето повторно е високо на европската агенда и тоа е добра вест за Северна Македонија“, порача австрискиот амбасадор.(dw)






