Просечната нето-плата во јули изнесувала 48 499 денари, зголемена е за 7,1 отсто во однос на истиот месец лани


Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во јули годинава изнесувала 48 499 денар и бележи зголемување за 7,1 процент во споредба со истиот месец минатата година, објави денеска Државниот завод за статистика (ДЗС).

Според податоците на ДЗС, годишниот раст на платите се должи на зголемувањето на просечната нето-плата во неколку сектори. Финансиските дејности и оние за осигурување имаат раст од 10,7 отсто, снабдување со вода и отстранување отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината пораснале за 10,4 проценти, а кај дејности во врска со недвижен имот растот е 9,6 отсто.

Во споредба со претходниот месец, зголемувањето е за 0,2 отсто и тоа е забележано кај стручните, научни и технички дејности за 4,3 отсто, по што следуваат трговијата на големо и на мало и поправка на моторни возила и мотоцикли за 3,2 проценти и градежништвото за 2,3 отсто.

Според графиконот објавен од ДЗС, може да се види дека највисока исплатена нето-плата по вработен има во секторот информации и комуникации и таа изнесувала 89 532 денари. Потоа се финансиските дејности и дејности на осигурување со исплатени 69 191 денар, а на трето место се вработените од рударството и вадење на камен каде просечната исплатена нето-плата по вработен е 59 258 денари.

Фото: Принтскрин од графикон објавен од Државниот завод за статистика
Инаку, просечната исплатена нето-плата во јуни годинава беше 48 381 денар и беше пониска за 1 163 денари во споредба со мај годинава. Во јуни просечната исплатена нето-плата имаше пад откако претходно три месеци беше во пораст.

Back to top button
Close