Цветаноски: Арамијата Мицкоски ги турна земјоделците во длабока криза – мерките на СДСМ се спас
СДСМ преку членката на Извршниот одбор Симона Цветаноски соопшти дека поднела Закон за финансиска поддршка на земјоделците, оценувајќи дека земјоделскиот сектор се соочува со сериозни проблеми со откупот и ниските откупни цени.

Цветаноски на прес-конференција изјави дека земјоделците се соочуваат со потешкотии да ги покријат трошоците за производство, додека дел од родот останува неоткупен. Таа состојбата ја поврза со, како што наведе, политиките на Владата предводена од Христијан Мицкоски.
Според предлог-законот што го презентираше СДСМ, за лозарите се предвидуваат 8 денари за секој килограм произведено и продадено грозје од сортите „Вранец“ и „Кратошија“. За оние кои нема да успеат да го продадат грозјето, се предлага поддршка од 300.000 денари по хектар за пријавени лозови насади.
За производителите на пиперка „ајварка“ се предлагаат 10 денари за килограм продадена пиперка, како и 200.000 денари по хектар за евидентираните засадени површини.
За производителите на пченица, предлогот предвидува поддршка од 5 денари по килограм, независно од тоа дали пченицата е продадена на регистриран откупувач или е складирана во евидентиран склад.
За сточарите се предлага финансиска поддршка од 8.000 денари по грло говедо наменето за производство на млеко и месо.
Предлог-законот опфаќа и поддршка за оризарите од 10 денари по килограм произведена и продадена оризова арпа кај регистриран откупувач во 2026 година.
Како корисници на мерките се предвидуваат и земјоделските стопанства регистрирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства.
Од СДСМ порачаа дека земјоделството претставува производство, егзистенција и сигурност за илјадници семејства и побараа поддршка за земјоделците. Цветаноски истакна дека, според нив, државата треба да застане зад луѓето кои произведуваат храна.






