Откриена нелегална плантажа на канабис во Струмичко, одземени 680 килограми стебла, приведени се две лица
По поднесување на кривичната пријава, З. М. и А. Т. Г. биле изведени пред судија на претходна постапка од Основен суд Струмица

СВР Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица против З. М. (34) и А. Т. Г. (30), двајцата од општина Ново Село, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Осомничените, како што информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР), по претходен договор во скриен дел од парцела на местото викано „Матник“, во атарот на селото Секирник ја обработиле почвата, посадиле и одгледувале стебла од растението канабис. Тие, во службен разговор, признале дека во мај 2026 година набавиле семе, ја обработиле почвата и ги одгледувале растенијата за производство на марихуана.
Полициски службеници од СВР Струмица, постапувајќи по судска наредба и со техничка поддршка од Регионалниот центар за гранични работи Исток, спровеле посебни истражни мерки со кои биле обезбедени цврсти докази за нивната поврзаност со засадот.
Од пријавените се одземени повеќе стебла со различна висина и вкупна тежина од околу 680 килограми.
По поднесување на кривичната пријава, З. М. и А. Т. Г. биле изведени пред судија на претходна постапка од Основен суд Струмица.





