Груби имаше забелешки на доказите на Обвинителството, судијката му порача дека ќе дојде и неговиот ред за одбрана
Со читање на 231 материјален доказ на Обвинителството, продолжи денешното судско рочиште за случајот ,,Лотарија”, во кој меѓу обвинети се и екс вицепремиерот Артан Груби и поранешниот директор на Лотарија, Перпарим Бајрами.

Обвинителот ги презентираше финансиските анализи на Државна лотарија, документите од јавната набавка на видеолотариските терминали, седниците на одборите, а кога ја спомена Владината седнца, со забелешка се јави Груби. Тој истакна дека на седницата со која претседавал биле четири точки и сите се усвојувале на различен начин, по што судијката му укажа дека наскоро ќе дојде и неговиот ред за одбрана и тогаш ќе може да ја презентира својата теорија на случај и да ги образложи доказите.
Покрај Груби и Бајрами, во случајот обвинети се и Методија Димевски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу.
На претходните рочишта сите обвинети се изјаснија за невини.
Јавното обвинителство најави изведување на 231 материјален доказ, повеќе вештачења и сослушување на седум сведоци.
Обвинението, кое го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, се однесува на дејства преземени во текот на 2023 и 2024 година, со кои обвинетите ги пречекориле службените овластувања и предизвикале штета на „Државната лотарија“ во износ од 9,7 милиони евра (fokus.mk)






