ЦУК: 16 пожари на отворен простор, четири се уште активни

Во текот на денешниот ден, до 18:30 часот, во Центарот за управување со кризи се регистрирани вкупно 16 пожари на отворен простор низ земјава. Од нив, четири се активни, два се ставени под контрола, а 10 се целосно изгаснати.
Од ЦУК информираат дека активни се пожарите во општина Сарај, кај селото Горно Свиларе, каде гори мешана шума и ниска вегетација, во Шуто Оризари, каде гори ѓубре, на полигонот Криволак во општина Неготино, каде е зафатена сува вегетација, како и кај селото Ларце во општина Желино, каде гори ниска вегетација.
Под контрола се пожарот кај селото Белица, на местото Кајорец, кој се проширил кон Јасен, при што е зафатена нискостеблеста и мешана шума, како и пожарот на депонија кај селото Пчиња во општина Куманово.
Во текот на денот се изгаснати 10 пожари, во општините Бутел, Сарај, Битола, Кривогаштани, Струмица, Радовиш и Брвеница.
Според податоците на ЦУК, пожарите зафатиле различни видови вегетација, отпад, депонии и стрништа.






