Филипче: Македонија не е на распродажба, СДСМ е против новиот просторен план за државата
Пратеничката група на СДСМ не го поддржува и ќе го блокира носењето на новиот просторен план во кој е предвидено отворање нови рудници. Пратеникот и претседател на СДСМ, Венко Филипче, денеска, на прес-конференција истакна дека Македонија не е на продажба и оти земјата не може да се продава за нечии интереси и за сметка на здрајвето на граѓаните. Побара повелекување на планот, кој денеска првпат на јавна дебата ќе се презентира во Струмица.

Филипче рече дека со проекциите на Министерството за животна средина и Агенцијата за просторно планирање во новиот план се предвидуваат локации за рудници во Иловица, Казандол и, како што вели тој, Плавица, Луке и Кадиица.
– Се потврдува она што го зборуваме изминатиот период дека оваа Влада очигледно е неспособна да се справи со менаџирањето на земјата носејќи ја во економска и финансиска бездна. Сега не ѝ останува ништо друго, освен да ја распродава земјата. Сакам јасно и гласно да порачам – Македонија не е на продажба. Не може да ја продаваат земјата што им припаѓа на сите граѓани за нивни и за туѓи финансиски интереси – рече Филипче.
Потенцира дека поради рудниците, постои опасност за загадување на почвата и на севкупната животна средина, а со тоа ќе биде загрозено и здравјето на луѓето.
Побара од Владата да го повлече овој план потенцирајќи дека тие на секој начин, па дури и физички со жив штит, ќе се борат против отворање на рудниците.
Филипче рече дека првпат Владата дала дозвола и за геолошки истражувања на Кожуф.
Одговарајќи на новинарски прашања во врска со денешниот брифинг со медиумите на дел од членовите на СДСМ, тој рече дека стратегијата на власта е да ја раситни опозицијата за потоа да може да владее. Филипче ги повика повторно овие членови на СДСМ да ѝ се приклучат на партијата. Дека се „купени“, според него, е доказ тендерот што Никола Ќуркчиев го добил од државна фирма. Се наврати на ЗНАМ на Максим Димитриевски за која рече дека се формирала, а потоа ѝ се придружила на Владата.
Ставот на СДСМ за Изборниот законик останува ист, односно тие ќе прифатат само измени со вградени препораки на ОБСЕ/ОДИХР, а Филипче рече дека не прифаќаат гласање на дијаспората по пошта стравувајќи од злоупотреби. Потврди дека денеска ќе биде испратено писмо до амбасадите на ЕУ во врска со дозволите за отворање странски медиуми, а исто така ќе биде поднесена кривична пријава за директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски. АВМУ, според него, издала дозвола за „Арена М“ како за странски медиуми.
Филипче го критикува и предлогот за новиот правилник за контрола на боледувањата посочувајќи дека има зошто боледувањата се седум дена.






