ВМРО-ДПМНЕ до СДСМ: На кој Шефшет од АТС мислат, на оној на кој Заев му даде дипломатски пасош или на АТС чии претставници се сликаа со целото раководство на СДС и ДУИ?
ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагира на денешната прес-конференција на СДСМ и обвинува дека партијата ја поврзува актуелната Влада со приватен договор склучен меѓу две компании.

Во реакцијата, партијата прашува на која АТС Груп се однесуваат тврдењата на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, посочувајќи на повеќе случаи од периодот на претходната власт.
„Актуелната Влада нема никаква врска со приватен договор склучен меѓу две компании“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека СДСМ, според нив, „сами си дадоа автогол“.
Од партијата прашуваат дали Кузеска зборува за АТС Груп која, како што наведуваат, била отворена во времето на Зоран Заев, при што на отворањето присуствувале претставници на тогашната власт.
Во реакцијата се споменува и поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска, како и изјавата на Заев дека членството во НАТО отвора нови пазари и можности за зголемување на извозот и инвестициите.
ВМРО-ДПМНЕ дополнително го отвора прашањето за сопственикот на компанијата, Шефшет Демировски, при што се повикува на претходни медиумски написи и неговите односи со поранешната власт.
Од партијата прашуваат и за поддршката што, според нив, АТС Груп ја добивала од функционери на СДСМ, меѓу кои го наведуваат Фатмир Битиќи, како и тогашното Министерство за одбрана.
Во реакцијата се споменува и поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, за кого од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека претходно зборувал за придонесот на компанијата во колективниот систем на одбрана на НАТО.
„Навистина веќе е дегутантно занимавањето на СДС со ширење лаги и дезинформации“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата на крајот упатуваат остри политички обвинувања кон раководството на СДСМ, поврзувајќи го со, како што наведуваат, „криминални структури“ и ги посочуваат Зоран Заев и Венко Филипче.






