Од октомври пензиите зголемени за 3 отсто
Септемвриското усогласување на пензиите во Македонија ќе изнесува 3 отсто, согласно со формулата утврдена во член 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Зголемените пензии ќе се исплатат на почетокот на октомври, бидејќи пензијата се исплаќа за претходниот месец.

Законското усогласување се врши двапати годишно – во март и септември. При пресметката се земаат предвид два показатели: 50 отсто од растот на трошоците на живот и 50 отсто од растот на просечната исплатена нето-плата во првото полугодие во однос на претходните шест месеци.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во периодот јануари-јуни трошоците на животот пораснале за околу 1,17 отсто, што во формулата учествува со приближно 0,585 отсто. Просечната нето-плата, пак, пораснала за околу 4,75 отсто, со придонес од 2,375 отсто. Од Фондот на пензиското и инвалидското осигурување ја потврдиле пресметката од околу 3 отсто.
Кај пензионер со просечна пензија од околу 28.100 денари, зголемувањето би било меѓу 830 и 900 денари, со што пензијата би достигнала приближно 29.000 денари.
За пензија од околу 45.000 денари, покачувањето би изнесувало од 1.350 до 1.500 денари, односно новото примање би било околу 46.400 денари.
Бидејќи усогласувањето е процентуално и е утврдено со закон, а не претставува линеарно зголемување со ист фиксен износ за сите, пензионерите со повисоки примања ќе добијат поголемо зголемување изразено во денари.






