Спомен-куќата на Владо Малески во Струга е урната при ископ за нов објект, обвинети Мерко и уште 5 лица за оштетување на културно наследство

Основното јавно обвинителство Струга поднесе обвинителен акт против шест лица за кривично дело „Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ од член 264 од Кривичниот законик.

Според обвинението, првообвинетиот, управител на градежна фирма од Велешта и инвеститор и изведувач на градежните работи, имал обврска да подготви идеен проект со точно утврден начин на уривање на објектот што се наоѓал во непосредна близина на заштитената стара струшка куќа на Владо Малески.

Наместо тоа, како што наведува Обвинителството, тој изготвил само основен проект, без да биде утврден начинот на уривање. По уривањето на стариот објект, на парцелата започнал да гради нов објект со подрум, приземје и кат.При ископот за подрумските простории, според обвинението, бил извршен широк ископ со багер, при што бил поткопан заедничкиот преграден ѕид меѓу двата објекти. Тоа довело до дестабилизација и уривање на куќата која била заштитена како културно наследство.

Обвинението опфаќа и градежен инженер и архитект од Секторот за урбанизам при Општина Струга, кои, според Обвинителството, го изготвиле и одобриле одобрението за градење без да биде приложен идеен проект за уривање на претходниот објект. Со тоа, како што се наведува, му помогнале на првообвинетиот.

Меѓу обвинетите е и тогашниот градоначалник на Општина Струга, кој го донел одобрението со кое, спротивно на решението на Управата за заштита на културното наследство, било дозволено покрај приземје и кат да се изгради и подрум.

За помагање на првообвинетиот е обвинета и архитектка-конзерватор од Заводот за заштита на културното наследство и музеј – Охрид. Таа, според обвинението, дала мислење без забелешки за усогласеноста на проектот со насоките на Управата и ја заверила техничката документација во која било предвидено и изградбата на подрумски простории, иако тоа било спротивно на решението.

Со дејствијата опфатени во обвинението, на 15 октомври 2025 година, на улицата „Браќа Миладиновци“ во Струга била оштетена старата струшка куќа на Владо Малески, прогласена за значајно културно наследство.

Back to top button
Close