Директни летови Дубаи–Скопје од март 2027, линијата ќе ја оперира „Флајдубаи“
Од март 2027 година Македонија ќе добие директна авионска врска со Дубаи, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Според него, договорот е веќе постигнат, а новата линија ќе ја оперира авиокомпанијата „Флајдубаи“. Летовите треба да започнат со почетокот на летната сезона на летање, во март следната година.
Николоски оцени дека воспоставувањето на оваа авиолинија ќе има значајно влијание врз развојот на туризмот, но и врз економските и деловните односи меѓу Македонија и Обединетите Арапски Емирати.
„Тоа е веќе договорено и ‘Флајдубаи’ ќе почне во март 2027 година да лета директно од Дубаи до Скопје“, изјави Николоски во Собранието по средбата со амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати.
Дубаи беше меѓу најавените нови директни дестинации од скопскиот аеродром, заедно со Барселона, Лион и Штутгарт.
Во меѓувреме, продолжуваат разговорите за воведување директна авиолинија и меѓу Охрид и Обединетите Арапски Емирати. Како можни опции се разгледуваат аеродромите во Абу Даби и Шарџа, но засега нема финален договор.
Министерот посочи дека новите воздушни врски се дел од планот за подобро меѓународно поврзување на скопскиот и охридскиот аеродром, како и за привлекување туристи во текот на целата година.
Дополнителен поттик за зголемување на патувањата и деловната соработка, според Николоски, е и безвизниот режим меѓу Македонија и Обединетите Арапски Емирати.






