Кузеска: Кој плаќа лоби за Мицкоски – трговец со оружје кому казната му ја платил човек од кокаинскиот канал

Кој плаќа лоби за Мицкоски? Ќе повториме само што стои во американски регистар и што стои во истражувањето на БИРН. Човекот со кого Тимчо Муцунски беше на потпишување меѓу АТС Груп и турската државна компанија МКЕ. Тоа е одржано на 27 март 2025, се вели во соопштението на СДСМ од денешната прес-конференција на Богданка Кузеска, портпаролка и членка на Извршниот одбор на партијата.

Документот го потпишаа Шефшет Демировски, сопственик и директор на АТС Груп, и Илхами Келеш, генерален директор на МКЕ. Муцунски беше присутен како министер за надворешни работи, заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Истиот Демировски е уапсен во Србија. Подоцна е ослободен. Трагот на парите открива потемна страна.

Реномираниот БИРН утврдува, цитирам: опортунитетот за Демировски во случајот давање мито за доверливи информации за муниција од „Први партизан“ го платил Александар Милојевиќ, подоцна обвинет за помагање во пренос на пари од шверц на кокаин.

Еден од уапсените како дел од група за шверц на кокаин од Јужна Америка. Меѓу обвинетите: српски и црногорски полицајци и припадник на БИА.

Во FARA – Американски регистар: кој од странство плаќа лобист во Вашингтон и за што, на Министерството за правда на САД, број 6170, пишува: Mercury Public Affairs ја плаќа АТС Груп ДООЕЛ Скопје.

130.000 долари месечно.

Околу 1,56 милиони годишно.

Денеска во соопштение и компанијата го потврди тоа што го објавивме.

На 2 април 2026 Mercury предава материјал „Стратешко партнерство САД–Северна Македонија“.

Во текстот стои пакет влада со влада. Име на премиерот Христијан Мицкоски.

Енергија. ЛНГ. ИТ. Одбрана. Тоа не е лоби за фабрика. Е лоби за агенда што тој дома ја продава како државна.

Кој плаќа? Приватна фирма за муниција и воена опрема.

Сопственикот медиумите го врзуваат со круг околу кавачкиот клан.

Ова се информациите за човекот чија каса му ја отвора вратата на Мицкоски во Вашингтон.

Премиерот треба да ги застапува граѓаните а не да застапува трговец со оружје.

Затоа ходниците. Затоа фоајеата. Затоа средби што ги нема во агенда на Стејт департментот за посетата 15–22 септември. Неформален контакт дома го продаваат како самит.

Антимон од пет милиони, руда за воена индустрија – влегува во истата реченица.

Гета чинеше 5,53 милиони евра народни. Дупката е поевтина. Земјата е поскапа.

СДСМ бара Обвинителството да ги земе FARA 6170, материјалот од 2 април и уплатата од 250.000 евра.

Премиерот Мицкоски да каже чиј интерес го следи: на народот или на човекот кому казната му ја платил канал за кокаин.

За некого провизија. За граѓаните отров. Тоа не е дипломатија. Тоа е распродажба на Македонија!

Кога ВМРО прашува за дипломатски пасош, нека го праша својот министер Тимчо Муцунски. Нека го праша својот министер за одбрана дали некој му кажал за апсењето, криминалот, луѓето во синџирот на трговија со кокаин и апсењето на првиот човек на АТС, додека тие стојат зад неговиот грб на потпишувањето меѓудржавни договори.

Мицкоски сигурно знае. Само сè уште не се знае кој пуштил 5 тони дрога преку граница. И тоа, како и многу други работи, сè уште не сме ги слушнале.

Време е, наместо Латас, Мицкоски да почне да одговара на овие прашања. Пред независното судство и Европското обвинителство, наскоро.

Back to top button
Close