Oтворени сме за дијалог, но Скопје мора да ги испорача обврските – вели Софија по барањето на Муцунски за вклученост на ЕУ во процесот

„Бугарија ја поддржува работата на Европската комисија со секоја од земјите што преговараат за членство, оценувајќи ги резултатите постигнати во рамките на Европскиот совет. Очекуваме Северна Македонија да ги исполни своите обврски и да ги започне потребните промени за да продолжи напред по својот европски пат“, велат од бугарското МНР откако министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски рече дека од големо значење е во сите понатамошни разговори со Софија да биде вклучена и ЕУ

Северна Македонија мора да ги исполни своите обврски и да ги започне потребните промени за да продолжи по својот европски пат. Ова е ставот на Министерството за надворешни работи на Бугарија во врска со неодамнешната изјава на шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски, кој рече дека од голема важност е вклученоста на Европската Унија.

„Процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ е европско прашање кое треба да се решава во рамките на европските институции и во согласност со утврдените правила и процедури. Бугарија ја поддржува работата на Европската комисија со секоја од земјите што преговараат за членство, оценувајќи ги резултатите постигнати во рамките на Европскиот совет. Очекуваме Северна Македонија да ги исполни своите обврски и да ги започне потребните промени за да продолжи напред по својот европски патвелат од МНР на Бугарија.

Оттаму додаваат дека добрососедските односи се суштински дел од процесот на пристапување во ЕУ, неопходен услов за напредок кон членство во Унијата, но и фундаментален предуслов за градење доверба.

„Бугарија отсекогаш била и останува отворена за конструктивен дијалог со Република Северна Македонија“,додаваат од бугарското министерство.

Реакцијата на МНР на Бугарија доаѓа откако министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во интервју за МИА рече дека земјава не е подготвена по која било цена да прифати компромис што на државата не ѝ обезбедува предвидливост и затоа, како што рече, од големо значење е во сите понатамошни разговори со Софија да биде вклучена и Европската Унија.

Back to top button
Close