Мицкоски во ОН: Нашите стратешки определби се НАТО, стратешко партнерство со САД и полноправно членство во ЕУ

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска, во своето обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, ги претстави трите главни стратешки определби на државата.
– Македонските граѓани знаат каде припаѓаат. Ние сме сојузник во НАТО. Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер. Полноправното членство во Европската Унија е наша стратешка определба. Тоа не се три одвоени политики. Тоа е една геополитичка ориентација, втемелена врз демократијата, колективната безбедност, владеењето на правото и отворената економија. Во време на неизвесност, нашиот одговор не е стратешка двосмисленост. Нашиот одговор е јасност – рече премиерот Мицкоски во обраќањето на 81. Генерално собрание на ОН.
Но, наведе Мицкоски, јасноста во нашите сојузи не значи вртење грб на светот.
– Напротив. Токму држава што е сигурна во своите демократски и стратешки избори може со поголема самодоверба да разговара и да соработува со земји што имаат поинаква историја, поинакви интереси и поинакви политички погледи. На светот не му е потребна уште една поделба на трајни табори. Потребна му е конкуренција со граници и со правила што сите мора да ги почитуваат. Сојузи што преземаат одговорност. И меѓународни институции што остануваат простор за дијалог токму тогаш кога дијалогот е најтежок – порача премиерот Мицкоски.






