КОРИСНИ ИДИОТИ
Имаме уште еден закон за низата „Сѐ по закон шефе“.
Прашањето, дали ти личам јас на идиот затоа што прашувам како ги трошиш моите пари, веќе е надминато. Не само што на власта ѝ личиме на идиоти, туку и нѐ третира како идиоти. Последната потврда за тоа е 10-дневното патување во Америка на бројна државна делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски, за која не се знае ни колкумина се отидени, ни кој сѐ е отиден, ни кој сѐ го придружува. А колку пари тоа ги чини македонските даночни обврзници – е тоа е најстого чувана државмна тајна.
Одговорот на власта е: Заев така правеше. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ објавија фотографија од 2019 година со сите патници за Њујорк што го придружувале тогашниот премиер Зоран Заев на Генералното собрание на Обединетите Нации.
Имено. Затоа Заев не е на власт. Затоа вие сте на власт. Утре ќе дојде некој друг и ќе вика: Мицкоски така правеше. Толку ли ниту една власт не може да сфати дека за сѐ што е врзано со нивната работа, за секој наш денар што на избори сме им го довериле да ни го менаџираат, мора да ни дадат отчет?
Со вакви одговори власта му се обраќа само на своето верно гласачко тело. Од другите граѓани се има откажано. Иако, искрено мислам дека приказните што правела онаа власт пред седум години не поминуваат веќе ни кај најверните поддржувачи на владејачката коалиција. Евентуално, може ќе поминат кај тие од талогот во ВМРО-ДПМНЕ. Вмровската елита вакви објаснувања веќе не купува.
Ама овојпат, за разлика од пред седум години, македонската државна делегација имала многу битни средби. Тие пред седум години оделе само да се шетаат. А сегашниве многу работа имале. Премиерот Мицкоски даде интервју за македонската државна информативна агенција МИА од Вашингтон. Вицепремиерот за европски интеграции Беким Сали даде интервју за државната агенција МИА од Њујорк. И министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска даде интервју за државната агенција МИА од Њујорк. Како упадна и градочалникот на Чаир Изет Меџити во тоа друштво е исто така мистерија, ама ете и тој дал изјава за МИА во Њујорк. Што е тоа што имаа да му изјават на новинарот на домашната МИА, кој исто така беше дел од делегацијата, таму, во Њујорк и Вашингтон, а што не можеа да го кажат во Скопје? Си мислат дека ако од Вашингтон дадат интервју на домашна агенција за домашна публика, а ниеден странски медиум не ги изесапил, макар и од регионот, тогаш автоматски екскурзијата на десетици државни службеници добива смисла оти личи на големо државничко достигнување.
Навистина, на власта ѝ личиме на идиоти.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК






