Чифлигароски од Шутка во суд — бил сослушан и му врачиле решение за притвор

Битолскиот бизнисмен Стојан Чифлигароски, кој со години беше во бегство, а за кого се води истрага во предметот „Синџир“, денеска од затворот „Шутка“ бил спроведен во Кривичниот суд, каде што бил сослушан и му било врачено решението за притвор, со право на жалба.
Информацијата ја потврдуваат од Кривичниот суд.
– Денеска е спроведен од Затвор „Скопје“ – Скопје во Основниот кривичен суд Скопје, каде што е сослушан во присуство на бранител и јавен обвинител, бидејќи во отсуство му е определен притвор и врачено му е решението со право на жалба – велат од Кривичниот суд за „Слободен печат“.
Со врачувањето на решението за притвор, обвинетиот официјално е известен за одлуката, а почнува да тече и законскиот рок за поднесување жалба до Кривичниот совет на судот. Советот потоа одлучува дали ќе го потврди, укине или преиначи притворот во поблага мерка, како што се куќен притвор или гаранција.
Чифлигароски сам се предал пред три дена, односно на 22 септември, а информацијата за неговото предавање надлежните ја потврдија два дена подоцна. За него се води истрага за „злосторничко здружување“, „даночно затајување“ и „перење пари“.
Чифлигароски е бизнисмен од Битола и сопственик на компанијата „СВ Инвест“, позната по милионските тендери добиени од РЕК „Битола“. Фирмата подоцна заврши во стечај.






