Нема да чекаме повик. ќе доставиме предлог за да го разгледа председателот и партијата вели платформашката Славјанка Петровска

Една изборна единица и отворени листи е еден од заклучоците произлезени од трибината на платформата „Разговори за иднината 12:05“, вели пратеничката на СДСМ и претставничка на иницијативата, Славјанка Петровска, во Тема на денот на ТВ Сител. Знаењето, капацитетот и личниот интегритет на секој што ќе се најде на листите треба да е поважен од лојалноста кон лидерот и раководството, кажа Петровска и додаде дека интересот на членовите на платформата е подобра Македонија.
Таа го повтори ставот дека актуелната влада ја рангираат како „најнеспособната“ и дека иницијативата настанала поради тоа што не е доволно само да се констатира и дебатира, туку да се делува.
„Клучот за оваа власт па и било која, е да почувствува дека има сериозна закана, конкуренција, е да има силна опозиција која тоа ќе го направи. Ме радува тоа што голем дел од учесниците не се и не биле дел од СДСМ, од формалните структури, можеби биле поддржувачи, а некои од нив не се ниту поддржувачи – забележуваат дека главна опозициска партија или она што треба да биде двигател на опозициското движење во Македонија треба да е СДСМ. Но за жал, според нивните оценки, тоа не е. Бидејќи поминаа две години од новото раководство на СДСМ, се детектираа сериозни пропусти во начинот на водење политики и носење одлуки и во кадровските политики кои резултираа со исклучително лоши резултати на локалните избори, се наметна прашањето дека на СДСМ му се потребни сериозни реформи, ако сака да биде тоа што навистина треба да биде“,
рече Петровска.
Петровска посочи дека за проблемите кои ги нотирале, неколку пати разговарале со лидерот на СДСМ Венко Филипче, но биле одбиени. Во текот на следната недела , како што рече, до раководството на СДСМ ќе биде доставена стратегијата за реформи.
„Нема да чекаме повик, ќе биде доставена, но принципиелно рековме до тој момент нема да објавуваме ништо. Ќе оставиме претседателот на партијата да ја разгледа. Дали ќе му треба еден , два дена, еден час или десет минути, тоа е негово. Дали ќе ја искомуницира со јавноста или не, оставаме на него. Но апсолутно нема да оставиме работите да бидат вака и СДСМ и понатаму заради лошата политика да остане заложник на ВМРО-ДПМНЕ и да биде штитот кој само го купува времето на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да останат на власт“,
додаде Петровска.
Поранешниот потпретседател на СДСМ и еден од организаторите на платформата „Разговори за иднината во 12:05“, Игор Ивановски, по денешната средба кажа дека лидерот на СДСМ и групата околу него станале фракција во партијата. Во изјава за медиумите тој посочи дека на Филипче ќе му достават План за консолидација и структурни промени, за кои тврди многупати се разговарало во партијата и му порача на партискиот лидер да ги прифати за, како што рече тој, доброто на партијата.
„Јас знам дека на Венко Филипче му е тешко и ќе му биде уште потешко, но не смее да ѝ биде потешко на СДСМ. Тој има шанса, макар на крајот, да со своите постапки помогне да оваа во момент заробена партија се отвори и се врати на членството. Венко Филипче и групата со нивното однесување станаа фракција во СДСМ, членството е на наша страна, во огромно мнозинство“,
рече Ивановски.
Од друга страна, СДСМ ги обвини членовите на платформата дека се медиумски спонзорирани од портали и новинари блиски до премиерот Христијан Мицкоски, додека Венко Филипче посочи дека тие со пуч сакаат да ја преземат партијата.






