Вицепремиерот Сали молчи дали навистина ја бојкотирал средбата со Вучиќ поради Косово, додека медиумите на албански јазик тврдат дека го направил тоа

Повеќе медиуми на албански јазик објавија дека првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали ја бојкотирал билатералната средба на премиерот Христијан Мицкоски со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Њујорк.

Еден од медиумите информацијата ја објави и со директен наслов дека „првиот вицепремиер Беким Сали ја бојкотира билатералната средба во Њујорк со претседателот на Србија, Александар Вучиќ“.

„Отсуството на Сали доаѓа во чувствителен политички момент, во недела кога во фокусот на меѓународното внимание се и случувањата на Западен Балкан, Косово и односите на Србија со регионот“, пишува во еден од текстовите, објавен од ТВ Феста.

Истовремено, Сали сам се пофали дека бил дел од средбата на Мицкоски со косовскиот премиер Албин Курти. На фотографиите од средбата со Вучиќ кои беа објавени, сепак, Сали не се гледа. Истовремено, оваа средба ја нема на ниту една објава кај Сали, иако има неколку каде промовира што прави низ Њујорк.

По ваквите информации во медиумите, „Скопје1“ директно се обрати до вицепремиерот Сали за да провери дали навистина ја бојкотирал средбата со Вучиќ и, доколку тоа е точно, дали за таквата одлука го известил премиерот Мицкоски и неговиот кабинет.

„Вицепремиер, точно ли е дека сте ја бојкотирале билатералната средба со српскиот претседател Вучиќ? Ако да, дали за бојкотирањето го известивте и премиерот, како и неговиот кабинет? Дозволиво ли е да бојкотирате билатерална средба само поради ставот на соседна земја за друга соседна земја, а неповрзано со Македонија, чиј вицепремиер сте?“, се прашањата што „Скопје1“ ги испрати до Сали.

Три дена молк од Сали.

Оттука, информацијата дека Сали ја бојкотирал средбата со Вучиќ засега останува непотврдена и објавена само во медиумите на албански јазик, без потврда или демант од самиот вицепремиер.

„Скопје1“ ќе го објави одговорот на Сали доколку тој дополнително пристигне.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close