И кога има казни за изгубен живот, тие брзо се топат

Зајакната контрола, промена на казнената политика и нула толеранција на алкохол кај возачите може да го намали бројот на жртви во сообраќајни незгоди. Пресудите плачат за ревизија.

Не стивнуваат реакциите за условната казна што ја изрече судијката Елена Илиевска Јосифовиќ од Кривичниот суд во Скопје, за сообраќајната незгода кај „Млечниот ресторан“ во Скопје од 2018 година, во која загина 32-годишно момче, а неговата бремена сопруга го загуби плодот и се здоби со тешки телесни повреди.
Податоците покажуваат дека во истата таа година (2018) се случиле педесетина сообраќајни несреќи во кои имало жртви, а дури една третина од сторителите поминале само со условни казни. Само во два случаи судот пресудил затвор од 4 години, што според правниците е аларм дека треба да се зајакне и контролата и казнената политика, особено кога таквите дела се многу чести. Дел од правниците сметаат дека во тие промени треба да се воведе нула толеранција за алкохол кај возачите во сообраќајот.
Случајот со Фросина
Последнава забелешка не е случајна, ако се имаат предвид околностите во кои животот го загуби студентката од Крива Паланка, Фросина Цековска, која во април 2015 година беше прегазена на пешачки премин во близина на Универзалната сала во Скопје, но и начинот на кој се топеше казната за возачот.
Кај возачот, кој избега од местото на несреќата, а подоцна сам се пријавил во полиција, било утврдено дека возилото го управувал под дејство на алкохол, (1,133 грам промили алкохол во крвта) и со брзина од 85 километри на час, наспроти дозволената од 60 км/час. Тој се товараше за две кривични дела – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, но и неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода. Во јули 2016 година Кривичниот суд му изрече затворска казна од шест години и шест месеци, Но Апелациониот суд го врати процесот на повторно одлучување. На второто судење, возачот беше осуден на четири години затвор, а одлучувајќи по жалба, Апелацискиот суд дополнително му ја намали и таа казна, пресудувајќи му три години казна затвор.

„Ова ли е држава, ова ли е судство? Или ќе има правда, или ќе станеме Див Запад, па секој ќе се снаоѓа како умее и знае, ќе си ја зема правдата во свои раце“, реагираше лани таткото на Фросина. Тој прашуваше зошто било одбиено барањето да се предледаат снимките од камерите, со оглед дека судот утврдил оти „пешакот започнал да чекори по прешачки премин на запалено црвено светло на семафорот“, додека другарки на Фросина сведочеа дека преминувале на зелено светло.
Основното јавно обвинителство – Скопје во април 2019 година до Врховниот суд достави жалба на пресудата на Апелациониот суд. „Жалбата е поднесена по две основи – поради суштествена повреда на одредбите на Законот за кривична постапка, како и поради одлуката за изречената кривична санкција од Законот за кривична постапка“, соопшти ОЈО-Скопје.
Оттогаш помина речиси една и пол година, епилог – нема.
Сите бараат ревизија
Очекувањата да се преиспита работата на судиите се големи. Вледејачкиот СДСМ вчера уште еднаш повтори дека приоритет на новата Влада предводена од СДСМ е прочистување на правосудството, со комплетна и темелна проверка на имотот и материјалната состојба на секој судија и обвинител.
„Судиите и обвинителите имаат обврска да испорачаат владеење на правото во кое законот е еднаков за сите, а судството мора да се прочисти, за чесните да можат да ги гонат сите кои се огрешиле пред законот“, се вели во партиското соопштение.
Во него се додадава дека следува разрешница на сите предмети отворени од СЈО, дека судиите кои застаруваат предмети ќе бидат разрешени по автоматизам, и ќе биде извршена темелна ревизија на 5% од сите судски пресуди во последните 5 години, по случаен избор.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера побра целосна ревизија на судската пресуда за сообраќајна несреќа кај „Млечниот ресторан“.
„Ревизијата е нешто што најмалку може да се спроведе во моментов и да се истера правдата на виделина, а ожалостеното семејство едноставно да добие на некој начин правда на своја страна. Иако имаат огромна загуба. Ваква нефункционалност и политичка инструираност на судски инстанци и институции не е видена досега. Ова не е прв случај на неправда, има повеќе да потсетиме неодамна беше пресудата за убиството на млад кошаркар и тинејџер во Ново Лисиче од пред извесно време, каде исто така не беше задоволена правдата и јавноста бурно реагираше на истата пресуда“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, со оценка дека „не е слепа правдата, туку слепи се институциите и власта“.

Извор: ДВ

Back to top button
Close