Во Германија се повеќе кражби на горива
Поради високите цени на горивата во Германија, бројот на кражби на бензинските пумпи се зголемува, поради што некои сопственици почнаа да ги затвораат објектите во текот на ноќта.

Информациите ги објави Германското здружение на оператори на бензински пумпи.
Според нивните изјави, и помладите и постарите граѓани крадат гориво.
„Психолошкиот праг за кражба очигледно падна бидејќи цените се приближија до износот од 2,40 евра за литар. Некои едноставно се оддалечуваат од станицата без да платат“, рече портпаролот на здружението Херберт Рабл.
Случаите продолжуваат и покрај високиот ризик, бидејќи речиси сите бензински пумпи во Германија се под видео надзор.
Сепак, искусните крадци користат украдени регистарски таблички или ги прикриваат за да избегнат идентификација, објави Билд.
Во септември, цените на дизелот и поевтиниот бензин Е10, кој содржи до 10 проценти биоетанол, достигнаа историски рекорди во Германија.






