Џо Вилсон по ставот на ЕПП за Србија: „Крајно време е да се укине статусот на СНС“
Американскиот републикански конгресмен Џо Вилсон ја поздрави најновата изјава на Европската народна партија (ЕПП) за Србија и порача дека е време Српската напредна странка (СНС) целосно да го изгуби статусот на придружна членка на европското политичко семејство.
I am grateful for this statement of @EPP yesterday condemning the atrocious behavior of Vucic’s SNS. It is high time that the associate status of the SNS be fully revoked! SNS is anti-western civilization. https://t.co/ABVJXjBjQg
— Joe Wilson (@RepJoeWilson) September 30, 2026
„Благодарен сум за оваа изјава на ЕПП од вчера со која се осудува ужасното однесување на СНС на Вучиќ. Крајно време е статусот на СНС како придружна членка целосно да биде укинат! СНС е против западната цивилизација“, напиша Вилсон на X на 30 септември.
Неговата реакција следува по изјавата на Политичкото собрание на ЕПП, усвоена на 29 септември во Тулуз, која се однесува на погребот на поранешниот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, во Белград.
Во изјавата ЕПП наведува дека сцените од погребот на Младиќ биле „длабоко вознемирувачки“, потсетувајќи дека меѓународните судови го прогласиле за одговорен за геноцидот во Сребреница и за серија тешки воени злосторства во војните во поранешна Југославија. ЕПП особено го критикува присуството на високи српски функционери и јавното и државното оддавање почести на погребот.
„Таквите постапки се во целосна спротивност со вредностите на помирување, почит кон жртвите и одговорност врз кои се темели европскиот проект“, стои во соопштението на ЕПП. Партијата додава дека овие случувања „не можат да бидат игнорирани“ во рамките на процесот на преиспитување на статусот на СНС. (EPP – European People’s Party)
Српската напредна странка на Александар Вучиќ е придружна членка на ЕПП од 2016 година. Нејзиниот статус веќе е предмет на внатрешен процес на преиспитување во ЕПП, започнат во септември 2025 година. Според извештаите од ЕПП, процесот сè уште нема конечен исход.
Вилсон бара целосно укинување на придружниот статус на СНС, а својот став го изнесе и во писмо до претседателот на ЕПП, Манфред Вебер.
Во писмото од 24 септември, Вилсон побара ЕПП да го прекине статусот на СНС и сите други врски со партијата, обвинувајќи ја владејачката партија во Србија за корупција, клиентелизам, злоупотреба на државни ресурси и притисок врз демократските процеси. Во писмото тој се повикува и на оценките на ОБСЕ/ОДИХР за условите во кои се одржале парламентарните избори во Србија во 2023 година
Вилсон ја споредува СНС со руската партија Обединета Русија и тврди дека партијата на Вучиќ „не ги споделува западните вредности“.
Џо Вилсон е републикански конгресмен од Јужна Каролина и член на американскиот Претставнички дом. Tој е висок член на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом и активно се занимава со прашања поврзани со надворешната политика и европската безбедност






