Со филмот „Сонцето изгрева над сите нас“ ќе биде отворен Првиот фестивал на кинески филмови
Со проекцијата на филмот „Сонцето изгрева над сите нас“ на режисерот Цаи Шангџун, денеска во Кинотеката на Северна Македонија ќе биде отворен Првиот фестивал на кинески филмови кој до 13 октомври ќе се одржува во Скопје, Битола, Куманово, Велес и Кочани. Фестивалот ќе понуди избор од современи кинески играни, документарни, анимирани и кратки филмови, а неговата цел е да ја доближи современата кинеска кинематографија до македонската публика преку приказни за семејството, личниот избор, секојдневниот живот, имагинацијата и традицијата.

„Сонцето изгрева над сите нас“ годинава беше дел од официјалната конкуренција на Венецискиот филмски фестивал, каде актерката Син Жилеи ја освои наградата „Волпи куп“ за најдобра актерка.
Прв фестивал на кинески филмовиВо програмата се вклучени и филмовите „24 вкуса“, „Кога ноќта ја среќава светлината“, „Сликарот на ковчези“, „Како камен што се тркала“, „Лов на чудовишта“, „Лов на чудовишта 2“ и анимираниот филм „Пад во светот на смртниците“, како и специјална програма со наградувани кратки филмови од млади кинески автори.
Проекциите во Скопје ќе се одржуваат во Кинотеката на Северна Македонија и во Киноверзум Кисела Вода, додека филмската програма ќе гостува и во Центарот за култура во Битола, Занаетчискиот дом во Куманово, Киноверзум Велес и библиотеката „Искра“ во Кочани.
Во рамки на фестивалот е предвиден и разговор со режисерката Тијан Јан по проекцијата на документарниот филм „Кога ноќта ја среќава светлината“, посветен на менталното здравје на децата и адолесцентите.






