(Видео) Чудна сцена на подвижните скали: Трамп се обиде да го фати Си за рака
Необичен гест меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Си Џинпинг беше забележан по нивната билатерална средба во кинескиот град Шенжен. На видеоснимката се гледа како Трамп му подава рака на Си, но кинескиот претседател, наместо да ја прифати, накратко го допира за надлактицата.
NEW: Trump extends a helping hand to Xi on escalator in China. https://t.co/LO3X278ZU3
— Insider Paper (@TheInsiderPaper) November 19, 2026
Снимката ја објави рускиот државен весник „Известија“, а ја пренесе „Скај њуз“. Настанот се случил додека двајцата лидери со подвижни скали се движеле кон ручекот во резиденцијата „Килин вила“, по завршувањето на билатералната средба.
На краткото видео се гледа како Трамп ја подава раката кон кинескиот претседател, кој возвраќа со краток допир на неговата надлактица. Потоа американскиот претседател со гест му покажува на Си да застане покрај него, по што двајцата продолжуваат да се движат еден до друг.
Не е познато за што разговарале во тој момент ниту дали Трамп навистина имал намера да го фати Си за рака.
Необичната сцена се случила по средбата на која Трамп зборувал за односите со кинескиот претседател, оценувајќи дека меѓу нив постои „многу посебен однос“.
Двајцата лидери се сретнаа на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), кој се одржува во Шенжен. На разговорите биле опфатени односите меѓу САД и Кина, трговијата и меѓународните прашања.






