Директорот за проширување во ЕК: С Македонија е блокирана зашто не сака да го направи она што знае дека треба да се направи
Генералниот директор за проширување и источно соседство во Европската комисија, Герт Јан Копман, порача дека застојот во евроинтегративниот процес на Северна Македонија не произлегува од блокада во Советот на ЕУ, туку од неисполнетите обврски на самата држава.

Во интервју за „Балканс дебриф“ на Атлантскиот совет, Копман нагласи дека уставните измени се неопходен услов за продолжување на пристапните преговори и отворање на првиот кластер.
„Блокадата не е во Советот на ЕУ. Блокадата е во земјата“, изјави Копман, одговарајќи на прашањето за можностите за надминување на застојот.На забелешката дека станува збор за бугарско вето, тој посочи дека условите не се само билатерално прашање, туку се дел од официјалните заклучоци на Советот на ЕУ.
„Тоа не е само бугарско прашање. Тоа е став на ЕУ. Тоа е дел од заклучоците на Советот“, рече Копман.
Тој потсети дека земјата треба да усвои и патокази и акциски план за малцинствата, кои, според него, се во напредна фаза на подготовка. Сепак, нагласи дека без уставните измени процесот не може да продолжи.
Копман оцени дека Северна Македонија покажала капацитет за спроведување реформи преку Планот за раст, но дека одлуката за исполнување на преостанатите услови е политичка и зависи од домашните институции.
„Не ја блокира земја членка. Блокирана е затоа што досега не сака да го направи она што знае дека треба да се направи“, изјави тој.
На прашањето дали топката сега е кај Скопје, Копман одговори потврдно, додавајќи дека Европската комисија продолжува со разговорите, но не може да наметне одлука на суверена држава.
Осврнувајќи се на перспективите за 2027 година, Копман посочи дека Северна Македонија и Србија би можеле да добијат индикативни патокази за понатамошниот пристапен процес, доколку остварат напредок во преговорите.
Според него, двете земји располагаат со доволен административен капацитет за побрзо придвижување кон ЕУ, но тоа ќе зависи од нивната политичка подготвеност да ги исполнат потребните услови






