Пријател од детството осомничен за ликвидација на бугарскиот бизнисмен во Пловдив

Бугарската полиција го уапси Славчо Магеров, главниот осомничен за убиството на Илијан Филипов, сопственикот на фудбалскиот клуб „Ботев“ од Пловдив.

Според бугарските медиуми, мотивот за злосторството биле нерасчистени финансиски односи меѓу двајцата мажи.

Покрај тоа што беше на чело на фудбалскиот клуб, Филипов раководеше и со една од најголемите транспортни компании во Бугарија. Магеров му бил деловен партнер, но и пријател од детството.

Главниот обвинител Димитар Молев изјави дека Магеров е обвинет за убиство со умисла. Како што рече тој, мотивот е од лична природа и е поврзан со финансиските односи меѓу осомничениот и убиениот.

Магеров и претходно бил осудуван. Првото убиство го извршил во 1992 година, а во 1995 година бил осуден на 11 години затвор. Бил предвремено ослободен од издржување на казната поради добро однесување.

Потоа, неколкупати бил апсен за кражби. Во периодот од 2002 до 2007 година, се поврзувал со кражба на 30.000 долари, два килограми злато и еден банкомат. Во 2007 година повторно бил осуден на затвор поради грабеж на продавница, но поминал 11 месеци зад решетки. По грабежот на поштата во 2013 година, бил осуден на уште седум години затвор.

И покрај неговото криминално минато, Филипов одлучил да започне бизнис со него, верувајќи дека неговиот пријател од детството се променил и го оставил зад себе поранешниот живот.

Филипов ја основал компанијата „ПИМК“ (PIMK), која со текот на времето ја развил во најголема транспортна компанија во Бугарија и една од десетте најголеми во Европа. Според достапните податоци, компанијата остварувала годишни приходи од над 150 милиони евра.

Во 2025 година, Филипов станал мнозински сопственик на „Ботев“ од Пловдив, за што платил околу пет милиони евра со цел да ги подмири старите долгови на клубот.

Back to top button
Close