Коперникус: Температурите летово беа за 2,5 степени над просекот од претходната деценија

Температурите на воздухот од јуни до август летово беа за 2,5 степени над просекот од претходната деценија, покажуваат податоците на службата на ЕУ за следење на климатските промени – Коперникус.

Повеќе од 50 проценти од територијата на европскиот континент била изложена на силен топлотен бран што надминал 38 степени, објави Гардијан.

Извештајот на Коперникус покажа дека најмалку 60 проценти од Западна Европа летово цели 17 дена имала температури над 30 степени.

Европа уште од крајот на мај имаше невообичаено ран почеток на летното време, а високи температури беа забележани дури и во текот на септември.

Топлинските бранови убија десетици илјади луѓе низ целиот континент, а ги уништија и посевите.

Климатологот Саманта Бургес изјави дека топлината влијаела на достапноста на вода, енергетските системи, транспортот, екосистемите и здравјето на луѓето.

Температурите на површината на морето во Европа ова лето, исто така, соборија рекорди, додека реките на континентот ги забележаа своите најниски летни нивоа на вода во последните три децении, покажува извештајот.

Топлото време и широко распространетата суша придонесоа за пожарите што беснеат надвор од контрола.

Ова се случува во време кога сè помоќниот Ел Нињо со невидена сила ги зголемува глобалните температури и ги интензивира екстремните временски настани од Јужна Америка до Австралија.

Се очекува овој природен модел на затоплување на морето, кој ги собори температурните рекорди, да предизвика речиси половина милион дополнителни смртни случаи поврзани со топлината до февруари следната година.

Back to top button
Close