Украина денеска доби 2,9 милијарди евра економска поддршка од ЕУ
Украина доби 2,9 милијарди евра буџетска поддршка од Европската Унија за да ја одржи својата државна администрација во услови на актуелната војна со Русија, објави ДПА.
„Додека Украина се брани од руската агресија, таа продолжува да спроведува сеопфатни реформи“, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Со денешната исплата, ние помагаме во зачувувањето на финансиската стабилност на Украина и поддржуваме инвестиции што ќе го поткрепат нејзиното идно закрепнување“, додаде таа.
Минатата година, лидерите на ЕУ се согласија да ги поддржат буџетските и одбранбените потреби на Украина со вкупно 90 милијарди евра во 2026 и 2027 година.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна изјави дека и покрај меѓународната помош, Украина се соочува со нов финансиски јаз од 27 милијарди долари оваа година, што предизвика загриженост во Брисел.






