Ние, гордите слепци на Самоил
Светски познатата и призната научничка Светлана Мојсов доби стоечки аплауз во МАНУ, сега веќе беше очекувано. Некоја деценија задоцнето е ова признание, но ќе мора да разбере и таа и светот, кој одамна ѝ се поклонува и ја слави. Велите, што да разбере, што да сфати? Дека во истиот момент кога Мојсов за миг ќе се сврти и ќе продолжи да ѝ служи на науката и човештвото и тоа исклучиво со огромен труд, знаење, трпение и упорност, ние ќе продолжиме онаму каде што сме застанале за момент за да ѝ оддадеме признание.
Но, длабоко во срцето, нам ни е сѐ сомнително како тоа функционира нормалниот свет. Ајде ве молам, да не се лажеме, кого ќе убедите во Македонија дека без партиска книшка и клиентелизам се успева во светот кој го покорила Мојсов? Во лумперајот на оваа типично балканска крчма, каде не се знае кој пие, но секогаш се знае кој плаќа, тоа така не функционира. Секако дека народот плаќа, поразите се на негова сметка, победите се на личните конта на власта.
Бајките и приказните дека сме шампиони меѓу земјите на Западниот Балкан, а Европа ја газиме самоуверено, одлично функционираат за успивање и анестезирање на граѓаните, она малку народ што остана. Како слепците на царот Самоил, нѐ водат и ни го покажуваат патот по кој никако да тргнеме.
Нам не ни треба ЕУ, од една единствена причина-за да опстане крчмата, мора како пијани на плот да се држиме до планот на власта- да се колеме и удираме во гради кој е поголем патриот, а кој најголем предавник. Децении се потрошија за да ѝ докажеме на Грција дека Александар Велики е наша приватна сопственост, ние гордите Македонци, потомците на Хунзите, ние самоиловите слепи деца. Само ние ја поседуваме ексклузивноста на името Македонија на овој регион, и до ден денешен никој не може да им објасни дека со векови го делиме со Грција. Како круцијален доказ, во крчмата се довлечкуваа Хунзи, научници и бизнисмени со сомнително потекло кои ги хранеа гладните усти со магла која го парализираше целиот мозок.
Сега има друг план и друга агенда- да се трошат години и години за докажување на Бугарија и светот дека Цар Самоил е македонски великан, како што и царството небесно ни припаѓа само нам. Колку што повеќе осиромашуваме и пропаѓаме, толку повеќе ова се единствените теми кои власта со уживање ги меле, џвака и преџвакува, до бесконечност. На крај целта е испорачана- да се плукнат на софрата на гладниот, но горд Македонец, кој ги има во срце сите дамнешни царства и славни походи од минатото, но што правиме со сегашноста и иднината, е, тука е друга ситуацијата.
Испраниот мозок на гладниот Македонец е подготвен да даде инструкција да пее и завива во крчмата, исклучиво серијал патриотски песни за нашиот никогаш непрежален Самоил. Е, да, за музиката се погрижува власта, таа е главниот диригент, црпејќи го кркорењето на цревата на кутриот Македонец како најубава симфонија.
Затоа што, Македонците како вековни жртви искрено веруваат дека вистинскиот патриотизам е секојдневно производство на говори и дебати на власта, прво за Грција, сега и со Бугарија, наместо да се замислат и размислат-како живееме, зошто се селиме и бегаме што подалеку, зарем вака треба да изгледа животот до судниот ден? Апсолутно треба, слепци никогаш доста, никогаш доволно, само така се владее до бесконечноста и назад.







