Јован Јосифовски е добитник на Наградата ДЕНЕС 2026

Синоќа, во Сули-ан, беше прогласен добитникот на XX Награда ДЕНЕС 2026 – најстарата и една од најзначајните независни награди во земјава за млади визуелни уметници до 35 години.

Наградата, која вклучува двомесечен престој во Residency Unlimited во Њујорк во 2027 година, му беше доделена на Јован Јосифовски за неговата досегашна уметничка практика и нејзиниот актуелен развој. Жирито оцени дека делото „Оддел за управување со бесот“, претставено во рамки на изложбата на наградата ДЕНЕС, го означува моментот на промена во практиката на Јосифовски, кој оваа трансформација убедливо ја образложил и во својата презентација пред жирито.

„Неговата практика се наоѓа во пресуден момент на трансформација и сметаме дека Њујорк, во овој период од неговиот уметнички развој, ќе му понуди соодветна и поттикнувачка средина за понатамошна работа“, образложи жирито.

Одлуката, како што истакнаа членовите, следеше по долга и инспиративна дискусија за практиките на тројцата финалисти.

Годинава, за првпат, сите финалисти за наградата ДЕНЕС добија значајни признанија.

Ана Трајковска е номинирана за реализација на самостојна изложба во Скопје во 2027 година. Жирито смета дека ова е вистински момент во нејзиниот развој за да добие можност да ги продлабочи своите идеи и, со соодветна поддршка, да ги развие во самостоен изложбен проект.

Сергеј Калеников е номиниран за едномесечен престој во галеријата „Простор“ во Сплит. Жирито го препозна неговиот неодамнешен развој кон поекспериментални насоки во работата, проследен со поголема самодоверба и храброст, оценувајќи дека престојот ќе му овозможи да ги продлабочи овие нови насоки во својата практика.

Одлуката за Наградата ДЕНЕС 2026 ја донесоа: Натали Онглес, извршна директорка и коосновачка на Residency Unlimited, Њујорк; Јелена Мијиќ, мултимедијална уметничка и културна работничка од Белград и добитничка на наградата „Димитрије Башичевиќ Мангелос“ во 2017 година; и Илија Прокопиев, визуелен уметник и културолог, добитник на ДЕНЕС во 2011 година и актуелен уметнички директор на галеријата Шкуц во Љубљана.

Наградата ДЕНЕС е основана во 2002 година од Центарот за современи уметности – Скопје. Од 2015 година, наградата ја организира здружението Факултет за работи што не се учат – ФРУ, во рамки на АКТО фестивалот за современи уметности, во соработка со мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), Residency Unlimited (RU) и фондацијата Trust for Mutual Understanding од Њујорк.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close