(ВИДЕО) Академик Фити: До 2050 во Македонија ќе живеат милион и двесте илјади граѓани

„Демографските промени, во смисла на вкупниот број на население, стареење на населението, силни миграциски процеси и тн. е глобален проблем. Тоа е светски проблем, и денес скоро да нема земја којашто на еден или друг начин не е засегната од овој проблем, Предвидувањата на ООН е дека светското население ќе продолжи да расте до 2080 година, но со многу пониско темпо отколку тоа што беше случај во претходниот период“, изјави за Трилинг академик Таки Фити, говорејќи за демографскиот колапс, не само во Македонија, туку и на глобално ниво.
Академикот додава дека тој раст главно ќе се должи на брзиот раст на населението во субсахарска Африка.
„Меѓутоа постојат голем број на фактори коишто имаат силно дејство врз тенденцијата која што е отворена, на намалување на глобалната популација во сите земји. Тоа е проблем кој е посебно значаен и за Македонија, бидејќи сме ние една од тие земји коишто сме многу засегнати со тие демографски промени.
-Стапките на фертилитет паѓаат силно, а стапката на ферталитет претставува живородени деца по една жена. Тука има и една специфичност, а тоа значи за проширена репродукција на населението се битни женски деца. Таму е репродуктивната способност.
-Денес дури во 63 земји со голем број на население, врвот на растот на населението е од 3-4 години. Тука спаѓа Кина, Индија, Јапонија, Германија и Руската федерација. Таму живее скоро 1/3 од вкупната популација, а сега веќе и таму следи пад на населението“, вели Фити.
Според него дури и во Македонија има одлив којшто е многу поголем од населението, а имате прилив.
„Земји како Македонија не можат да имаат корист од прилив на странски работници, ние сме транзитна рута, оти сите сакаат кон западна Европа и таму да живеат“, вели Фити.
Околу тоа дали постои опасност без млада популација, академикот вели дека е проблемот во тоа што македонското население многу брзо се намалува.
„Намалувањето на населението во прв ред е како резултат на намалувањето на стапките на природен прираст. Фертилитетот во Македонија е само 1, 44. Критичната граница каде што почнува намалувањето на населението е 2,1. Значи ние сме далеку под 2,1. Веќе сме во фаза каде што природниот прираст отвора процес на намалување на населението, и за прв пат таков силен пад на населението е забележано во 2019-та година и перманентно оттогаш имаме опаѓање на бројот на населението.
-Ние во почетокот на 90-тите години имавме вкупно 2,06 милиони жители. Денес тоа е паднато на 1,8 милиони. В0 2050-та година по сите сценарија ќе имаме 1,2 милиони население. Земјата практично ќе се испразни. Ова е алармантна ситуација. Намалувањето на населението, стареењето на населението, значи следново: Повеќе луѓе постари од 65 години живеат во Македонија од деца помлади од 15. Значи имаме процес на стареење на населението. Тоа е проследено и со намалување на контингентот на работна сила. Првите импликации се на пазарот на труд. На пазарот на труд импликациите се силни, бидејќи ако се намалува населението, што е база за работната сила, вие имате недостаток на работна сила. Меѓутоа не станува збор само за недостаток на работна сила. Станува збор за структурни промени, деформации во таа сфера.. Ние имаме недостаток на определени профили, занимања коишто се многу битни за идниот економски развој и за новите технологии. Тоа се високообразовани кадри од техничките струки. Имаме исто така недостаток од среднообразован кадар. Од друга страна имаме вишок од кадар во доменот на општествените науки“, смета Фити.
Академикот со податок дека бројот на македонски граѓани надвор од земјата е преку 700.000.
„Тоа е повеќе од 1/3 од вкупното население. Тоа укажува дека имаме празнење на земјата“, вели Фити.
Околу евроинтегративниот процес, академикот смета дека условот Бугарите да влезат во Уставот ќе остане.
„Мое мислење е дека веднаш треба да се стават во Уставот. Но не би барал заштита од ЕУ, освен да бараме билатералните прашања да не влегуваат во преговарачката рамка. Би ставил заштита внатре во земјата – ако и понатаму се провлекуваат вакви непринципиелности, ние прекинуваме со договорите“, вели Фити.
Целото интервју погледнете го во видеото
Извор: triling.mk






