Целосно слеп човек го викнале повторно да докажува дека е слеп – Комисијата утврди дискриминација од страна на стручната момисија

Целосно слеп човек, чија здравствена состојба е медицински утврдена како трајна и непроменлива, повторно бил повикан на контролен преглед за да му се проценува потребата од туѓа помош и нега. Покрај тоа, помошта што претходно ја добивал во поголем обем му била определена во помал обем.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација го испитала случајот и утврдила директна дискриминација врз основа на попреченост од страна на стручната комисија при јавна здравствена установа.
Практично, институциите повторно барале процена на состојбата на човек кој е потполно слеп и за кого медицинската документација покажува дека неговата состојба е трајна и непроменлива.
Според документот, лицето од 2018 година остварувало право на надоместок за помош и нега од друго лице во поголем обем. Во текот на годините било упатувано на контролни прегледи за продолжување на правото.
Последниот контролен преглед бил извршен на 27 јануари 2026 година. По него, стручната комисија утврдила дека лицето има потреба од помош и нега од друго лице во помал обем, а истовремено определила уште еден контролен преглед по 12 месеци.
Токму ваквото постапување било предмет на оценување пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Во постапката било утврдено дека лицето е потполно слепо и дека неговата попреченост е потврдена со медицинска документација, претходни наоди и решенија. Според приложениот офталмолошки наод, неговата здравствена состојба е трајна и непроменлива.
Комисијата констатирала и дека од доставената документација не произлегува дека кај лицето настапила каква било промена или подобрување на здравствената состојба што би можело да објасни зошто претходно признаената помош во поголем обем била намалена.
Дополнително, дијагнозата H54.0 – слепило на двете очи, е опфатена со листата на трајни и привремени промени на здравствената состојба. За состојбите со целосно губење на видната функција е предвидена постојана потреба од помош и нега од друго лице во поголем обем.
И Законот за социјалната заштита предвидува дека потполно слепо лице се вбројува меѓу лицата со потреба од помош и нега од друго лице во поголем обем.
Особено значајно за одлуката на Комисијата било тоа што, и покрај трајниот и непроменлив карактер на состојбата, на човекот повторно му бил определен контролен преглед.
Стручната комисија, притоа, не навела каква промена во здравствената состојба на потполно слепото лице очекува да биде предмет на новата процена.
Подносителот на претставката навел и примери на други целосно слепи лица кои, според неговите тврдења, не биле повикувани на редовни контролни прегледи. Како конкретен пример ја посочил својата сопруга, која исто така е потполно слепа и подолг период го користела правото без повторни контролни прегледи.
По разгледувањето на документацијата и произнесувањата, Комисијата оценила дека подносителот изнел доволно факти со кои дискриминацијата ја направил веројатна. Со тоа товарот на докажување преминал на потенцијалниот дискриминатор, кој требало да покаже дека различниот третман имал објективно и оправдано образложение.
Според Комисијата, такво образложение не било дадено.
Стручната комисија не успеала да докаже ниту дека постојат медицински или фактички околности што го оправдуваат намалувањето на обемот на помошта и повторното испраќање на контролен преглед.
Поради тоа е утврдено дека се исполнети елементите на директна дискриминација врз основа на попреченост.
Комисијата сега препорачува да се изврши повторна процена на потребата од помош и нега од друго лице, при што мора да бидат земени предвид законските одредби според кои потполно слепото лице има потреба од помош во поголем обем.
Истовремено, при повторната процена стручната комисија треба да преиспита дали воопшто има потреба човекот повторно да биде испраќан на контролен преглед, имајќи предвид дека неговата здравствена состојба е трајна и непроменлива.
За постапување по препораките е даден рок од 30 дена. Доколку не бидат спроведени, Комисијата најавува дека може да побара поведување прекршочна постапка пред надлежен суд.






