ЛДП: НЕ за субвенционирање на гориво за соседите, ДА за поврат на ДДВ за македонските граѓани и бизниси

Либерално-демократската партија (ЛДП) преку соопштение бара Владата да го разгледа нивниот предлог за поврат на ДДВ за горивото, наместо, како што велат од партијата, да се насочуваат јавни средства кон субвенционирање на граѓани кои гориво купуваат во соседните држави.

Од ЛДП посочуваат дека растот на цените на горивата дополнително го оптоварува семејниот буџет и трошоците на граѓаните и домашните компании. Според партијата, повратот на ДДВ би бил директна мерка за финансиско олеснување.

„Наместо да се субвенционираат граѓаните кои точат гориво од соседните држави, Владата јавните средства треба да ги насочи кон оние на кои им се најпотребни: македонските граѓани, превозниците, транспортерите, шпедитерите и домашниот бизнис“, наведуваат од ЛДП.

Од партијата сметаат дека во услови на зголемени животни трошоци се потребни, како што велат, економски мерки со директен ефект, а ја повикуваат Владата да ги преиспита јавните трошоци.

ЛДП бара Владата да најде начин да го спроведе предлогот за поврат на ДДВ за горивата, со образложение дека на тој начин би им се овозможило финансиско олеснување на граѓаните и домашниот бизнис.

Од партијата додаваат дека економскиот раст, како што го опишува премиерот, треба да биде проследен со политики што ќе ги намалат финансиските притисоци врз граѓаните.

Back to top button
Close