Мицкоски: Владата има четиригодишен мандат, опозицијата ако сака може да поднесе иницијатива за избори
Владата ја доби довербата од граѓаните за четиригодишен мандат и фокусот останува на реализација на ветувањата и подобрување на животниот стандард, рече премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање околу можноста за одржување предвремени парламентарни избори.

Во однос на барањата за предвремени избори, премиерот упати порака до опозициските партии да поднесат иницијатива.
„Здружената опозиција Левица-ДУИ-СДСМ во парламентот може да се собере, да поднесе иницијатива за предвремени парламентарни избори и доколку тоа го направат, тогаш ние како Влада ќе дадеме соодветен одговор“,изјави Мицкоски.
Мицкоски додаде дека приоритет на владината коалиција е испорачување резултати за граѓаните, што според него е и основната суштина на функционирањето на овој владин кабинет.
Темата за предвремени избори е актуелна изминатите месеци. Премиерот Христијан Мицкоски го повторува ставот дека редовните избори треба да се одржат во април 2028 година, но доколку опозицијата поднесе барање во Собранието за предвремени избори, неговата ВМРО-ДПМНЕ ќе одговори позитивно. Опозициската ДУИ ја поздрави изјавата на премиерот за подготвеноста на ВМРО-ДПМНЕ да оди на предвремени избори доколку во Собранието има такво барање. Сметаат дека подготвеноста да се бараат решенијата преку институциите и преку волјата на граѓаните е одговорност што треба да се поздрави.
Од опозициската СДСМ повторуваат дека нема да бидат алиби на Мицкоски за предвремени избори и оти тие ќе се случат кога Владата ќе остане без пари.
И од владиниот партнер, партијата Влен, рекоа дека се подготвени за предвремени парламентарни избори, иако сметаат дека не треба да ги има.





