Лавров задоволен од постигнувањата на талибанската влада во Авганистан

Во Русија денеска се одржува осмиот Московски формат за консултации за Авганистан на ниво на специјални претставници и високи владини претставници. Покрај домаќинот Русија и Авганистан, на форумот присуствуваат и Пакистан, Индија, Иран, Казахстан, Кина, Киргистан, Таџикистан и Узбекистан. Претставниците на Белорусија и Египет се во Москва со статус на „гостински делегации“.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, поздравувајќи го талибанскиот министер за надворешни работи Амир Кан Мутаки, му ја честиташе „петгодишнината од ослободувањето на Авганистан од контингентот на НАТО“.
– Пет години е кус период за надминување на последиците од повеќедецениската окупација, но постигнувањата на вашата влада се очигледни и ние ги поздравуваме, посочи Лавров.
Тој ги пофали успесите на талибанците во борбата против Исламска држава и другите екстремистички групи, како и напорите за сузбивање на трговијата со дрога.
Според Лавров, моќната воена машинерија на САД и на НАТО сојузниците е скршена од борбениот дух и издржливост на Авганистанците.
Специјалниот претставник на рускиот претседател Владимир Путин за Кабул, Замир Кабулов, изјави дека Москва е подготвена да помогне во намалувањето на тензиите меѓу Авганистан и Пакистан.
– Русија е подготвена да помогне во завршувањето на овој конфликт, користејќи ги сите можни средства и дејствувајќи самостојно или заеднички со други партнери, доколку двете страни го побараат тоа, истакна Кабулов.
Додека Мутаки наведе дека проблемите што влијаат на односите помеѓу соседните земји, Авганистан и Пакистан можат да се решат преку дијалог и дипломатија.
Наместо да бара политичко разбирање, моќната армија на Пакистан користи само воен јазик во односите со Авганистан и покажува агресија спротивна на меѓународното право. Пакистан ги претвори транзитните рути, бегалците и студентите во алатки за притисок и натрупа илјадници вооружени мажи во близина на авганистанската граница за да ја загрози стабилноста, посочи Мутаки.
Тој додаде дека Авганистан не сака проблемите со Пакистан да станат поле за меѓусебни обвинувања и пропаганда.
Авганистан останува верен на своите основни принципи и авганистанската територија не се користи за напади врз други земји, истакна Мутаки.
Откако талибанците ја вратија контролата врз Авганистан во август 2021 година, по повлекувањето на силите на САД и на НАТО, тие бараат меѓународно признание. Русија во јули 2025 година стана првата земја што ја призна владата на талибанците, откако ја отстрани групата од својот список на забранети организации.






