Судијата Ѓоко Ристов цело време земал плата, разрешен дури сега – ќе ја добие и септемвриската

Речиси десет месеци откако е во куќен притвор и не ја извршува судиската функција, судијата Ѓоко Ристов продолжил да ја прима редовната плата, а од функцијата е разрешен дури на 30 септември од страна на Судскиот совет.
Ристов од јануари годинава е во куќен притвор, а до неговото разрешување бил само суспендиран и оддалечен од работното место, објави 4news.mk Со оглед на тоа што одлуката за разрешување е донесена на самиот крај на месецот, тој ќе ја добие и целата септемвриска плата, објави „СДК.мк“.
Ристов е судијата чии родители беа пронајдени со големо количество пари заѕидани во ѕид во кујната. Судскиот совет во соопштението за неговото разрешување не го наведе неговото име, туку наведе дека станува збор за судија кој е разрешен „поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција“.
По одлуката на Судскиот совет, сопругата на Ристов се огласи на „Фејсбук“, наведувајќи дека не била изненадена од разрешувањето. Таа притоа обвини дека врз членовите на највисокото судско тело бил извршен притисок.
Судењето против Ристов започна на 28 мај. Тој, меѓу другото, е обвинет за давање лажни податоци за својот имот и имотот на членовите на семејството, кој во големи размери ги надминува неговите законски приходи.
Ристов досега беше само суспендиран, што значеше дека не ја извршува функцијата, но формално не беше разрешен од судиското место.
Случајот повторно го отвора прашањето за исплатата на плати на функционери кои се суспендирани, притворени или обвинети, но сè уште немаат конечна одлука за престанок на функцијата.
Како пример од минатото се посочува случајот со поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, обвинет во предметот „Транспортер“ на поранешното Специјално јавно обвинителство. При контрола во Апелациониот суд Скопје било утврдено дека тогашниот судија Енвер Беџети предметот го чувал во фиока повеќе од две и пол години, додека Талески во тој период продолжил да прима редовна плата од Битолскиот театар.






