Влажни марамчиња го затнаа одводот во студентскиот „Стив Наумов“ две недели по реновирањето
Поводот предизвика реакција од министерката за образование и наука Весна Јаневска, која преку социјалните мрежи сподели фотографии од собата и упати апел до студентите за поголема совесност и одговорност кон јавните добра

Само две недели по вселувањето во реновираниот студентски дом „Стив Наумов“, екипи на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје вчера морале да интервенираат поради затнат одвод во еден од тоалетите, предизвикан од фрлени неразградливи влажни марамчиња.
Поводот предизвика реакција од министерката за образование и наука Весна Јаневска, која преку социјалните мрежи сподели фотографии од собата и упати апел до студентите за поголема совесност и одговорност кон јавните добра.
„Обезбедивме најсовремени услови за престој на студентите во студентскиот дом ‘Стив Наумов’. Но, за тие услови да останат такви, неопходна е одговорност, совесност и грижа од сите што го користат домот. Неразградливите материјали не припаѓаат во тоалетната школка и може да предизвикаат сериозни проблеми со канализацијата“,порача Јаневска.
Таа истакна дека реконструираниот дом е капитална инвестиција во која се вложени многу труд и средства, наменети како за сегашните, така и за идните генерации. Министерката ги повика младите да покажат почит кон вложеното и да бидат пример за одговорно однесување.
По интервенцијата на надлежните екипи, проблемот бил отстранет, а просториите во домот се исчистени.






