ЕУ: До 2030 војна со Русија и проширување на Унијата!?
Денко Малески
Германскиот министер за одбрана Писториус ја означи годината 2030 како датум за почеток на војна со Русија и најави сериозни мерки за вооружување. Фон дер Лајен го дели мислењето со својот наследник во германската влада повторувајќи дека Украина победува па треба само уште малку да се издржи. Едновремено, таа зборува и за проширување на Унијата со нови четри членки кои ги чекаат „насоките“ од Брисел.

Ставањето на Украина на таа листа во услови кога Унијата сака да се трансформира и во некаква воена организација, без дијалог со Москва, пак, е рецепт за нови кризи. Македонија и натаму се охрабрува од Брисел да го направи „последниот чекор“, Бугарите во уставот, за да им се приклучи на четворката.
Раководена од реалностите на меѓународната политика, имено дека сојузите се формирани за да ги бранат интересите на своите членки кои, нели, имаат право на вето, претседателката на Европската комисија го упатува Скопје на дијалог со Софија. Зашто, и доколку правото на вето се префрли на крајот од процесот на преговорите, членката, Бугарија, повторно ќе го има последниот збор. Софија, пак, не упатува на Брисел но можно е, овој пат, под притисок на европските сојузници да прифати некаков про форма дијалог. Актуелната политичка гарнитура во Македонија, со својот историски наратив, не може да ја оствари целта наречена добрососедски односи, па спремноста веднаш да отвори дијалог со Софија е само една дипломатска „пуфка“. Едноставно, сегашната власт би била збиршана од политичката сцена доколку се обиде да направи макар и најмала корекција на курсот кон Софија, а камоли вакво нагло свртување кон добрососедски односи, какво што очекува Брисел. Значи, заглавени сме на многу долг рок: се додека нешто битно не се смени во свеста на гласачите кои се изложени на само еден наратив – оној на власта кој, пак, е бескомпромисен. Опозицијата сеуште нема изградено сопствен наратив за да и парира на власта, зашто се плаши дека само ќе губи спротиставувајќи му се на националистичкиот.
Забележувам дека она што го бара Европа од нас, да се ослободиме од правните илузии и да ја прифатиме реалноста на компромисот, таа не е во состојба да го направи во однос на конфликтот во Украина. Зошто? Затоа што и нивните актуелни политичари ќе бидат збришана од политичката сцена.
Ако ја признае реалноста дека една нуклеарна сила не може да биде поразена и дека не смеат да се игнорираат нејзините безбедносни грижи како што се случи со ширењето на НАТО во Украина и дека полтиките кон Русија биле погрешни, ќе го навлече на себе гневот на народот.Затоа,ретко кој признава дека згрешил во политиката. И, како и во македонскиот случај, наместо дипломатија и барање компромис, Брисел упорно се повикува на своите „Копенхагенски критериуми“: „светото“ начело на неповредливоста на границите во Европа (иако пресданот беше направен со Косово). Македонија, пак, одбива дијалог за историјата повикувајќи се на Копенхагенските критериуми иако добрососедски односи е едно од примарните услови за прием во Сојузот и е дел од тие критериуми. Проблемот е во тоа што, за Бугарија, како што тоа беше тоа и за Грција пред Преспанскиот договор, минатото и е важно Па затоа без тој дијалог нема добрососедски односи нема ЕУ за нас. Шансата Бугарија да се откаже од Гоце Делчев е рамна онаа Грција да се откажеше од Александар велики, значи никаква. Тој дијалог македонските власти го прекинаа и одбиваат да го водат. Останува само да се види дали воопшто ќе има ЕУ ако се оствари прогнозата на Писториус за војна со Русија во 2030.






