Парите за спомен обележје за загинатите во „Пулс“ никако да се обезбедат


Семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани бараат институциите да ги исполнат ветувањата за финансиска поддршка при изградбата на спомен-обележје посветено на жртвите.

Во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Александар Наунов и Томче Стојанов открија дека проектот за спомен-обележјето е веќе изработен, но дека за неговата реализација сè уште се потребни финансиски средства, објави 4news.mk

Според родителите, обележјето е предвидено да се изгради на централна локација во Кочани, место кое има посебно значење за младите кои ги загубија животите.

„Проектот е направен, навистина е убав, и сега останува да ги собереме средствата за да направиме спомен-обележје какво што тие деца заслужуваат“, посочија родителите.

Тие објаснија дека од Општина Кочани претходно им биле ветени два милиони денари, но дека настанале административни проблеми околу обезбедувањето и пренамената на средствата. Според нивните изјави, првично добиле информација дека парите се обезбедени, потоа дека биле потрошени или пренаменети, а подоцна повторно било најавено нивно обезбедување.

Родителите бараат конкретна институционална одлука, наместо нови ветувања.

„Доста е со тоа ‘ќе биде’, ‘ќе помогнеме’. Тоа што ни е ветено, нека се исполни. Нека кажат дали можат или не можат“, порачаа тие.

Во меѓувреме, здружението на семејствата собира донации за изградба на спомен-обележјето. Информациите за донирање се објавени на нивната страница на Фејсбук, а поддршка може да даде секој што има можност.

За семејствата, спомен-обележјето не претставува само место за сеќавање, туку и трајно предупредување за последиците од институционалните пропусти.

Back to top button
Close