„Фајненшл тајмс“: Вучиќ лично барал да се укине заштитата на Генералштабот за да се гради хотелот „Трамп“ во Белград


Поранешниот српски претседател Александар Вучиќ лично се вклучил во обидите да се отстрани главната правна пречка за изградба на хотелот „Трамп“ во центарот на Белград – статусот на заштитено културно добро што го имал комплексот на некогашниот Генералштаб на југословенската војска. Ова го објави британскиот весник „Фајненшл тајмс“, кој имал увид во целосниот, дотогаш необјавен инвестициски договор и во исказ на сведок даден пред српското Обвинителство за организиран криминал. Зад проектот стоеше Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп.

За средбата во претседателството пред обвинителите зборувала Дубравка Ѓукановиќ, тогашна директорка на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата. Според нејзиниот исказ, Вучиќ ѝ рекол дека заштитата на Генералштабот мора да се укине. Неа и нејзините колеги ги нарекол „незнајковци“ и им порачал да „преземат одговорност“. Ѓукановиќ за весникот изјавила дека од разговорот добила впечаток оти претседателот или не ја познавал законската постапка или таа не го интересирала.

Според нејзиното сведочење, на стручните лица им бил оставен избор – да ја покренат постапката за укинување на заштитата или да поднесат оставки. На друга средба, истиот ултиматум го повторил и тогашниот министер за финансии Синиша Мали. Дубравка Ѓукановиќ и еден нејзин колега потоа поднеле оставки.

За улогата на Вучиќ во случајот во октомври пишуваше и британски „Гардијан“, според кој средбата во претседателството се одржала во февруари 2024 година. Обвинителството тогаш му потврдило на весникот дека располага со докази за средбата и дека испитува дали, покрај веќе обвинетите, и други лица сносат кривична одговорност. Вучиќ и Мали ги отфрлиле обвинувањата дека постапиле незаконски.

Што се обврзала да направи Србија
Комплексот на Генералштабот, завршен во 1965 година, се смета за значајно дело на југословенската модернистичка архитектура. Делумно беше разурнат во бомбардирањето на НАТО во 1999 година. Кога за локацијата во 2020 година разговарале Вучиќ и Ричард Гренел, тогашен пратеник на Трамп, Вучиќ нагласил дека секој проект мора да го почитува статусот на комплексот како културно наследство, пишува „Фајненшл тајмс“.

Планот добил замав по средбата на Вучиќ со Кушнер на Светскиот економски форум во Давос во 2023 година. Во мај следната година, откако српската влада го одобрила договорот, тогашниот министер за градежништво Горан Весиќ го потпишал со американската компанија „Атлантик инкјубејшн партнерс“. На местото на Генералштабот биле предвидени хотел, казино и станбен комплекс.

Според одредбите од договорот кои претходно ги објави српскиот неделник „Радар“, Србија се обврзала да ја укине заштитата на Генералштабот, на сопствен трошок да ги урне објектите и да му го отстапи земјиштето на инвеститорот на 99 години, без надомест. Од целосниот договор во кој имал увид „Фајненшл тајмс“ произлегува и дека американскиот инвеститор потоа требало да го пренесе својот удел на поврзана компанија во Обединетите Арапски Емирати, која би ја имала оперативната и финансиската контрола врз проектот.

Договорот е раскинат, судењето продолжува

Планот за уривање на Генералштабот стана една од темите на протестите предводени од студентите. Во ноември 2025 година, на иницијатива на Српската напредна партија на Вучиќ, парламентот усвои посебен закон со кој беше укината заштитата на комплексот. Тоа предизвика нови демонстрации.

Во судскиот предмет за Генералштабот, министерот за култура Никола Селаковиќ е обвинет за злоупотреба на службената положба. Меѓу обвинетите е и Горан Васиќ, кој ја наследи Ѓукановиќ на чело на Заводот. Обвинителството го товари дека фалсификувал документи со кои требало да се оправда укинувањето на заштитата. По поднесувањето на обвиненијата, Кушнер кон крајот на 2025 година се повлече од проектот. Овој месец Србија и американската компанија и формално го раскинаа договорот, без меѓусебни побарувања, објави српскиот неделник „Време“.

За утре, 23 ноември, е закажано првото рочиште по победата на Студентската листа на вонредните парламентарни избори на 25 октомври. Се очекува да бидат изведени нови докази и да бидат сослушани сведоци. Од Студентската листа сметаат дека доказите што веќе се дел од предметот се доволни за обвинителството да поведе кривична постапка и против Вучиќ.

Back to top button
Close