Трамп се огласи по повод пишувањето на Њујорк Тајмс за ангажманот на неговите соработници на изборите во Република Српска

Американскиот претседател Доналд Трамп се огласи по повод ангажманот на неговите политички оперативци Џејмс Блер и Крис ЛаСивита кои, според пишувањето на Њујорк Тајмс во пресрет на општите избори одржани во неделата, биле во Република Српска и обезбедувале советодавни услуги за властите на тој ентитет во БиХ и Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) на Милорад Додик.

 

„Крис ЛаСивита и Џејмс Блер се надворешни консултанти. Тие не работат за мене, освен како надворешни консултанти. Најверојатно имаат бројни клиенти, но за тоа би морале да ги прашате нив“, напиша Трамп на мрежата Трут Соушл.

 

Тој додаде дека им е дозволено да работат за други, исто како и на сите консултанти во Вашингтон.

 

„Немам никаква претстава за кого уште работат, но, кога ќе размислам за тоа, ќе ги прашам и ако постои судир (на интереси), веднаш ќе ги отпуштам!“, наведе Трамп.

 

Според Њујорк Тајмс, овие двајца политички оперативци престојувале во РС непосредно пред изборите, додека истовремено во САД воделе голем дел од политичката кампања на Трамп во пресрет на ноемвриските избори за Конгресот.

 

Весникот наведува дека Блер и ЛаСивита преку адвокатска фирма од Вашингтон, која ја ангажирала Владата на РС, добиле по неколку стотици илјади долари за советување за прашања поврзани со изборниот процес.

 

Блер претходно беше политички директор на претседателската кампања на Трамп во 2024 година, додека ЛаСивита беше еден од клучните раководители на таа кампања.

 

Двајцата сега се вклучени во активностите на движењето МАГА. јт/

Back to top button
Close