Хакерски упад во тајната база на ФБИ, Трамп спомена можни нови сознанија за „руската измама“
Американското Федерално истражно биро (ФБИ) истражува сомнителен хакерски упад во Националниот центар за информации за криминал (NCIC), една од клучните бази на податоци што ја користат полициските и безбедносните служби во САД, објавија Си-Ен-Ен и Асошиејтед прес.

Преку овој систем федералните и локалните служби разменуваат информации за налози за апсење, безбедносни проверки и други чувствителни податоци. Засега не е познато колкав е обемот на упадот ниту до кои информации успеале да стигнат хакерите.
Поранешен функционер на ФБИ за Си-Ен-Ен изјавил дека загриженоста не се однесува само на можната кражба на доверливи информации, туку и на ризикот хакерите да ја нарушиле точноста на податоците врз кои се потпираат полициските службеници.
За случајот се огласи и американскиот претседател Доналд Трамп, кој во интервју за „Фокс њуз“ изјави дека веста за упадот не е добра. Сепак, тој додаде дека инцидентот можеби ќе овозможи да се дознаат работи што инаку никогаш не би излегле на виделина, поврзувајќи го тоа со, како што ја нарече, „измамата Русија, Русија, Русија“.
Ова не е прв ваков безбедносен инцидент во американските служби. Во септември, ФБИ наводно ги известило своите агенти и помошниот персонал дека нивните лични податоци биле украдени во кибернапад.






