На бугарските лекари Македонските власти ќе им дозволат да ја прегледаат Ива Михајлова пишуваат медиумитe од Софија

Северна Македонија им дозволила на бугарски лекари да ја прегледаат Ива Михајлова, на која ѝ е потребно лекување по сообраќајна несреќа. Одлуката била објавена за време на редовната седница на Народното собрание, објави бугарската Нова ТВ.

„По месеци загриженост, конечно има позитивен чекор од страна на властите во Северна Македонија“, изјави од собраниската говорница Иван Големанов од „Прогресивна Бугарија“. Тој ја поздрави согласноста за учество на бугарски лекари и повика прегледот и потребното лекување да бидат организирани што е можно побрзо. Големанов инсистираше Ива Михајлова да добие целосна заштита и правична постапка.

Случајот Бугарија веќе го покрена и во Парламентарното собрание на Советот на Европа. Веста за дозволата за присуство на бугарски медицински лица доаѓа по долготрајната загриженост за состојбата на Михајлова и потребата од медицинска проценка, пишува порталот.

Претходно, министерката за надворешни работи Велислава Петрова најави дека прашањето ќе го постави пред својот колега од Северна Македонија, Тимчо Муцунски. Нивната средба е планирана во рамки на Меѓународната министерска конференција за Коридорот 8.

„Ќе го поставам прашањето за Ива Михајлова и се надевам дека од нивна страна ќе има подготвеност за соработка“, изјави Петрова пред новинарите. Според неа, средбата била побарана од македонска страна, а меѓу очекуваните теми е и европската интеграција.

Засега не е наведено кога ќе се одржи прегледот, ниту кои конкретно бугарски лекари ќе учествуваат во него. Следниот чекор е постигнатата согласност да се претвори во реален медицински преглед и да се утврдат понатамошните активности за потребното лекување.

Back to top button
Close