Елој Морено: Верувам дека „чудовиштето“ може да се промени и да стане добар човек

Елој Морено (1976) е еден од најчитаните современи шпански писатели, автор на романи за возрасни и млади читатели. Во 2010 година го објавува својот прв роман, Зеленото пенкало (El bolígrafo de gel verde), кој досега е продаден во повеќе од 250.000 примероци.

Меѓународен успех постигнува со романот Невидлив (Invisible, 2018), приказна за врсничкото насилство, стравот, осаменоста. Романот е продаден во повеќе од еден милион примероци, преведен е на 25 јазици, а во 2024 година беше адаптиран во серија на Disney+.
Во 2024 година Морено го објавува и романот Мрежи (Redes), посветен на влијанието на социјалните мрежи врз младите.Неговите книги досега се продадени во повеќе од три милиони примероци,  неговото творештво е објавено во повеќе од 30 земји.

На страна класичната биографија, Елој Морено сакал да биде рок ѕвезда. Но, станал бестселер писател за млади.

Tинејџерите, од својата страна, се најкомплицираната група која доколку не и се допаѓа она што го чита заклучува дека „никому ништо не должи“, превртува со очите и ја остава книгата.

Но, кога таа група на Букстар ќе ве дочека со долг аплауз, имате право да заклучите дека сте направиле нешто вредно кои ги поминало нивните строги критериуми. Можете да изманипулирате искусен читател да ги бара „вечните теми“ во книжевно дело. Но, за да импресионирате млади луѓе треба да поседувате талент и харизма во изразот.
И да имате ужасно добра приказна.
Да бидете рок ѕвезда.

Додека пиев кафе и ги проверував спремените прашања ми стана јасно дека се предолги и дека по илјадити пат не сум успеала да синтетизирам и да сублимирам. Што потоа се испостави корисно, бидејќи наместо класично интервју се претвори во непретенцозен разговор за книги, нивните читатели и времето во кое растат.

“Книгава е unfuckingbelievably добра”, му напишав во порака на Жарко Кујунџиски од Антолог, откако уште во 2022 во една ноќ ја прочитав Невидлив од Елој Морено.

Неколку случаи како оној од пред неколку недели кој беше крајно вознемирувачка форма на булинг и се случи во облекувална каде осумгодишни деца соблекоа и снимаа 6 шестгодишно дете не потсети колку “Невидлив“ и јазикот на Морено, кој не бега пред веројатноста дека ќе вознемири, не го плакне текстот за да го приспoсоби на „невиноста“ на младите, е всушност совршено соодветен на нашата реалност. И веројатно токму тоа го забележаа и средношколците кои на Букстар со дочекаа со аплауз.

Неговата експлицитност во описите на насилството (едно уплашено момче чија глава ја држат набиена во веце шолја нема избор освен да замисли дека е оса која има капацитет да задржи воздух под вода) е вознемиреноста како апел. Тоа го прави овој роман, колку роман за млади, толку и за просветни работници, наставници, училишни психолози и педагози и родители кои често се прв ѕид каде обидот за отпор се крши и жртвите се соочени со релативизација. И токму од тука некаде почна нашиот разговор.

Л. Ф.: Често, кога слушаме за насилство меѓу деца и млади, тоа е проследено со некаква релативизација: „тоа се детски работи“, „деца така се однесуваат“. Истовремено една друга група повторува: „За насилството не се зборува доволно“. Но, на социјалните медиуми налетуваме на стотици коментари и сфаќаме дека за насилството всушност се зборува, но најчесто на погрешен и површен начин. Дел од возрасните не се свесни за психолошката длабочина и комплексноста на булингот, за повредата што ја предизвикува и за долгорочните последици на повеќе нивоа.
Ситуацијата се релативизира, а насилството и траумата стануваат „невидливи“.
Психолозите, меѓу кои и Габор Матé, на пример, укажуваат дека траумата не е само она што се случило, туку дека е подлабоко обликувана од првата реакцијата што ја добиваме кога ќе споделиме што ни се случило. И тука мислам дека вашиот роман може на некој начин да се поврзе со ова. Прашањето се поместува од „Зошто детето не кажало?“ кон „Зошто никој не видел што се случува?“

Елој Морено: Она што често го забележувам како последица на насилството е тоа што насилникот останува во училиштето, а жртвата е онаа која го менува училиштето. Секако, училиштето не ја избркало жртвата, туку жртвата одлучила дека не може да ја издржи атмосферата и си заминала. Понекогаш, во Шпанија, на пример, го менуваат училиштето. А понекогаш семејството мора да го смени и градот. Многу е тешко и длабоко неправедно.

Само кратко одговорив дека тоа се случувало и тука потсетувајќи се на филмот „Сестри“ на Дина Дума, и на тоа дека би било корисно да се гледа во релација со „Невидлив“. Но тоа е работа на БРО а таму работите одат проклето споро.

Л. Ф.: Всушност, веќе одговоривте на моето прашање, но би сакала да ве прашам како ја гледате оваа динамика во однос на „Невидлив“? И што мислите за возрасните и за општеството пошироко, кои сè уште не успеваат да видат што навистина се случува кога станува збор за булингот и за психолошките последици што тој може да ги има врз едно дете?

Морено: Тоа е тешко прашање. Секогаш велам дека не сум психолог. Јас сум писател. Тука има голема разликата. Во многу училишта, наставниците или учениците ме прашуваат што мислам за овие прашања. Јас не сум психолог. Но, сè што читате во книгата реално се случило.
Детето кое застанува пред пред возот — тоа е вистински случај. Луѓето велат: „Оваа книга е многу тешка.“ Не е тешка. Реална е.Затоа што додека ја пишував книгата, разговарав со многу, многу психолози. Многу. И тие ми раскажаа за многу вистински случаи на булинг. Јас ги сумирав сите случаи и ги ставив во книгата. Но, сè што читате во книгата е реално. И многу е тешко.

Л. Ф.: Нешто како што направила Маргарет Атвуд кога ја пишувала „Приказната на слугинката“. Кога пишував за вашата книга, напишав: „Авторот им се обраќа на читатели на возраст кога невиноста, ако воопшто постои во оваа смисла, е надрасната. Тој ја користи експлицитноста и вознемиреноста како апел. Тоа го прави овој роман, колку роман за млади, толку и за просветни работници, наставници, училишни психолози и педагози и родители, кои често се првиот ѕид од кој се одбива обидот за отпор, а жртвите се соочени со релативизација.“

Морено: Во Шпанија често ме прашуваат: „Дали ова навистина е книга за млади?“ Не. Никогаш не пишувам за конкретна возраст. Мислам дека оваа книга е и за возрасни. Во Шпанија, од Random House ми кажаа дека половина од книгата ги купувиле возрасни. Кога луѓето одат во библиотека или книжарница, половина од нив се возрасни, а не деца.
Сите ние, кога бевме млади, на околу 14 или 15 години, во нашето училиште, некогаш сме виделе нешто. Јас никогаш не сум бил жртва на булинг, но, за жал, некогаш сум видел нешто. За мене, оваа книга не е само за млади луѓе. Точно е дека темата на книгата е булингот, а булингот најчесто им се случува на младите, но темата во поширока смисла е и за возрасните.
Јас имам две деца и додека истражував и пишував помислуав дека е можно вакво нешто да му се случи и на моето дете. Затоа ова е роман и за повозрасните, а не само за младите.

 

Л. Ф.: Во „Мрежи“ се појавуваат и некои од ликовите од „Невидлив“, вклучително и момчето – насилник. Ме интересираше повторното соочување на жртвата и насилникот, но и фактот дека на некој начин меѓу нив се воспоставува врска. Како дојде до таа одлука?

Морено: Тоа е важен дел од помирувањето меѓу жртвата и насилникот. Во „Мрежи“ жртвата и лошото момче од претходната книга воспоставуваат некаков однос. Затоа што се луѓе. И мислам дека на крајот е можно лошите луѓе да се променат и да станат добри луѓе, Тоа е, всушност, целта. Да се промениме, да еволуираме. Да се помириме.
Еден ден, пред околу три години, повеќе или помалку, на саемот на книгата во Мадрид, потпишував книги. Еден човек, некаде на 40–45 години, ми даде книга за потпис и почна да плаче.
Го прашав: „Што се случи? Дали во минатото си бил жртва на булинг?“
А тој рече: „Не. Кога ја прочитав оваа книга, сфатив што лошо сум направил во минатото. Бев чудовиште“.
Мислам дека тој човек се променил, затоа што можно е да направиш лоши работи, а сепак да не бидеш конечно лош човек. Кога си млад, понекогаш е така, нели?
 

Л. Ф.: „Мрежи“, за мене, исто така во еден дел, книга и за возрасни. Она што го сметам за особено важно кај твоите книги е тоа што на возрасните им даваат увид во светот на младите — свет во кој младите луѓе обично сакаат дел од работите да останат приватни и скриени. А тие се неверојатно вешти во криењето работи. Ако тинејџер не сака да знаеш нешто, најверојатно нема да дознаеш. И можеби така и треба да биде. Мислам, тие имаат право на својата приватност. Но, родителите сепак мораат да знаат нешто. „Мрежи“ им даваат  начин да влезат во тој свет и им даваат подлабоко разбирање на комплексноста на целата ситуација во која се наоѓаат младите додека растат во ваков свет.

Морено: Еднаш поставив едно прашање на Инстаграм: „10 часот навечер е. Дали мислите дека вашето дете е само во својата соба?“
И сите одговорија: „Да, да“, затоа што во тој момент детето е само во собата. Но, всушност, не е така. Преку уредот, ти се исложени на лица за кои родителите не знаат. Тоа може да биде многу опасно.

Л. Ф.: Во претходни интервјуа прочитав дека многу наставници те покануваат да разговараш со учениците. Што е најважно во таа интеракција со учениците?

Морено: Tешките прашања доаѓаат од учениците, а не од наставниците. На пример, една ученичка ме праша: „Дали некогаш си бил чудовиште?“ И можно е. Можеби некогаш сум видел нешто, а да не сум го препознал и да не сум направил ништо. И тогаш можеби стануваш чудовиште..
Се случило и ученик да заплаче и да ми признае дека страда.Тогаш целата училница замолкна.
Изгледа дека многу им се допаѓа оваа книга, затоа што темата на книгата е многу емотивна. И мислам дека тоа е тајната. Невидлив е преведен на многу јазици. Мрежи е преведен на 15 јазици. А емоциите се исти овде, во Франција, во Италија, во Шпанија… Затоа што човекот е ист насекаде.

Л. Ф.: Во едно интервју раскажуваш дека млади луѓе ти кажувале дека имаат истетовирано нешто од книгата на своето тело.

Морено: Да, но не толку многу од Невидлив, колку од Diferente.

Таму има една реченица на исландски јазик. Нејзиното значење е нешто како: „Што и да се случи, нека се случи на крајот ќе биде во ред.“ Стотици и стотици луѓе ја имаат истетовирано таа реченица. Diferente е книга за сите чувства што доаѓаат кога ќе изгубиш некого. За прашањето дали е можно таа личност, на некој начин, сепак да остане присутна околу нас. Дејството е сместено на Исланд, каде што има силни дождови и ветрови и каде што луѓето се навикнати да прифаќаат дека, што и да се случи, на крајот ќе најдат начин да се справат со тоа и да бидат добро.

Тука, некаде, во моите белешки, си оставив потсетник да му кажам на Жарко дека Diferente би била прекрасна книга за превод на македонски. Додека запишував во нотесот на телефонот, помислив дека ова само се намести како одличен крај на разговорот.

Можеби, после сè во животот, и ќе бидеме ок.
По големите трагедии, веројатно не веднаш.
И нема да бидеме исти.
Но, веројатно ќе најдеме начин да бидеме барем во ред.

Л. Ф.: За крај. Фантазијата не е само бегство од реалноста, туку и начин на кој детето работи со реалноста и со она што му се случува во неа. Иако фантазијата може да биде ескапистичка, таа секогаш е некаков медиум меѓу реалноста и нашето читање на реалноста.

Морено: Суперхероите се моќни. Кога не ја сакаш својата реалност, мораш да измислиш друга. Во овој случај, момчето ги сака стриповите и суперхероите. Кога ќе му се случи нешто лошо, тој го претвора тоа во сила. За мене, тоа е можност детето да избега од реалноста.
Но, една интересна работа во книгата е ликот на Луна, малата сестра. На почетокот, овој лик воопшто не постоеше. Но, додека се развиваше приказната некаде кон самиот крај, сфатив дека е неопходно главниот лик да има со кого да разговара. Нешто да го задржи фатен за животот. Мислев дека е добар избор да измислам мала сестра со која тој би можел да разговара ноќе.

И во тој момент разговорот навистина требаше да заврши.

По поентата дека можеби само љубовта, и личноста што последна останува за да поразговара уште малку, можат, во најтемните мигови, да бидат онаа пукнатина низ која ѕирнува светлината.

Лени Фрчкоска

 

Back to top button
Close