Димитриеска-Кочоска: Не сум видовита да знам какви ќе бидат состојбите со нафтените деривати
Според министерката за финансии, најголемиот дел од корекциите се поврзани со промените на пазарот на енергенси и мерките што ги презеде Владата за ублажување на ценовниот удар врз граѓаните и компаниите.

Вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година предвидува намалување и на приходите и на расходите за по околу 5,3 милијарди денари, односно околу 86,2 милиони евра. Според министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, измените не се резултат на проблеми со ликвидноста, туку претставуваат навремено приспособување на државната каса кон новите економски услови.
Целта, како што посочи министерката, е да се обезбеди непречено функционирање на институциите, редовно сервисирање на обврските и истовремено да се продолжи со мерките за заштита на граѓаните и на економијата.
Со вториот ребаланс вкупните буџетски приходи се проектирани на 374,2 милијарди денари, што е околу 6,08 милијарди евра. Претходната проекција по јулскиот ребаланс изнесуваше 379,5 милијарди денари односно околу 6,17 милијарди евра. Тоа значи намалување од 5,3 милијарди денари, или приближно 86,2 милиони евра. Најголемата корекција е кај акцизите. Претходно биле планирани приходи од 34,1 милијарди денари, а со новиот ребаланс проекцијата се намалува на 30,4 милијарди денари.
Кај даночните приходи, пак, проекцијата се намалува од 213,3 на 209,8 милијарди денари, односно за околу 3,5 милијарди денари. Според Министерството за финансии, најголемиот дел од корекциите се поврзани со промените на пазарот на енергенси и мерките што ги презеде Владата за ублажување на ценовниот удар врз граѓаните и компаниите.
Помали акцизи – помал приход во државната каса
Димитриеска-Кочоска објасни дека намалувањето на акцизите на горивата директно се одразува врз приходите во Буџетот. Дополнително, намалувањето на ДДВ-то за дизелот од 18 на 10 проценти има фискален ефект, но според министерката, мерките се насочени кон заштита на животниот стандард и намалување на трошоците за компаниите.
– Владата ги презеде овие мерки поради растот на цените на енергенсите и новите геополитички ризици – вели Димитриеска-Кочоска.
На новинарско прашање дали вториот ребаланс е резултат на лошо менаџирање, министерката рече дека не знаеле каква ќе биде состојбата со енергенсите.
– Не сум видовита за да можам да предвидам дека состојбите ќе бидат и понатаму лоши, во јуни се стабилизираа цените на горивата, состојбата беше мирна и не предвидовме дека состојбата може и понатаму да се влошува. Ова е резултат на новите корекции што се прават – вели Димитриеска-Кочоска.
…






