СДСМ: Здравството е во хаос – не работат скенери, томографи, а нема ни лекови
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска обвинија за сериозни проблеми во здравствениот систем во земјава, посочувајќи на неисправна медицинска опрема, недостиг од лекови и долги чекања за прегледи и дијагностика.

„Три недели не работи ниту еден компјутерски томограф во Клиничкиот центар. Три недели пациенти чекаат, за преглед, ама болеста не чека. Во изминати две години ПЕТ-скенот не работи, иако е неопходен за онколошките пациенти. Се расипа, не работеше, па проработе само два дена и пак се расипа. А пациентите чекаат и по пет месеци за ПЕТ-скен“се вели во партиското соопштение.
Од партијата посочуваат и на тоа дека дел од клиниките функционираат со ограничен број операциони сали, неисправна медицинска опрема и недостиг на медицински персонал.
„Граѓаните лутаат од една во друга болница, чекаат со месеци за прегледи и дијагностика, на редовно платено здравствено осигурување“,пишуваат од опозициската партија.
Се осврнуваат и на онколошките пацинети, за кои велат дека во повеќе наврати остануваат без потребната терапија поради административни пропусти.
„Минатата години се дијагностицирани 1 000 нови пациенти со рак на дојка – ова е поразителна бројка. Неколку пати онколошките пациенти беа оставени со месеци без потребната терапија поради административна неодговорност и незаинтересираност на оваа власт“,додаваат од партијата.
Ја обвинуваат власта и за состојбата со водоснабдувањето во Гостивар, тврдејќи дека повеќе од 5 000 луѓе биле погодени и дека сè уште нема објавени резултати за квалитетот на водата во повеќе од 50 населени места.
„Оваа власт потфрли на најважното – заштита на здравјето на граѓаните. Одговорност мора да има, оставка од Клековски“,велат од СДСМ.






