Украдени 30.000 шишиња вино вредни околу пет милиони евра од италијанска винарија

Од магацин на познатата италијанска винарија „Маркизи Антинори“ биле украдени околу 30.000 шишиња врвно вино, чија вредност се проценува на пет милиони евра. Компанијата соопшти дека грабежот се случил изминатиот викенд и ги предупреди купувачите да бидат внимателни со понудите што не доаѓаат од официјалните продажни канали.

Screenshot

Винаријата, чие производство датира од 1385 година и чии производи денес се извезуваат во 170 земји, се надева дека украдените шишиња ќе бидат пронајдени и вратени.

Според соопштението на компанијата, крадците однеле меѓу 8.000 и 10.000 шишиња „Солаја“, една од најбараните италијански вински етикети, како и вина „Тињанело“ и „Гуадо ал Тасо“. Нивните малопродажни цени започнуваат од 150 евра, додека најретките берби можат да достигнат вредност од неколку илјади евра за шише.

Од винаријата со седиште во Фиренца располагаат со снимки од безбедносните камери на кои, според Ројтерс, се гледаат седум маскирани мажи како влегуваат во магацин во Кортона и ги онеспособуваат алармните системи. Потоа, илјадници гајби со црвено вино од Тоскана биле натоварени во два камиона.

Грабежот бил откриен во понеделникот наутро, кога вработените пристигнале во магацинот. Од компанијата сметаат дека начинот на изведување и времето на кражбата укажуваат на вмешаност на добро организирана група. Работата на крадците им била олеснета и од фактот што вината во тој момент веќе биле подготвени за испорака.

Овој случај е последен во низата кражби што ги погодија италијанските винарии. Во јули, крадци ограбија и позната винарија „Банфи“ во Монталчино.

Додека претходните случаи најчесто се однесувале на помали количества вино украдени од ресторани, визби или дистрибутивни центри, поновите грабежи се одликуваат со големи количества производи од залихите складирани во самите винарии.

Back to top button
Close