ПИКНАТИ ВО ЌОШЕ
Уште колку животи имаме?
Ако се сеќавате, Мицкоски дома се јуначеше и со непризнавање на Преспанскиот договор. Ама грчкиот премиер Мицотакис го олади уште на почетокот на мандатот. На Самитот на НАТО во Вашингтон во 2024, што беше прво соочување на Мицкоски со реалноста како премиер, а не опозиционер, Мицотакис кој кога беше во опозиција исто така беше против Преспанскиот договор му испрати порака: „Договорите мора да се почитуваат. Сакаме Северна Македонија да преземе чекори кон европски пристап. Тоа, сепак, претпоставува почитување на меѓународното право и почитување на договорите што земјата очигледно ги има потпишано“.
И на Мицотакис не му се допаѓаше Преспанскиот договор што го направи претходната грчка Влада. И тој дигаше галама пред избори. Ама, тоа е реалноста.
Надворешната политика на македонската Влада се темели на негирање на реалноста.
Ѝ кажал ли Мицкоски на фон дер Лајен лично дека не е задоволен? И да ѝ кажал таа не може да му помогне.
Во големата слика нему не му е важно да го откочи процесот и да тргнеме напред кон ЕУ, со сите сопки што и понатаму може да се испречат на патот, не само од Бугарија. Поважно му е да ни се фали дома дека ако треба и со децении ќе чекаме да влеземе во ЕУ, ама додека е тој на власт нема да попушти ни милиметар. Прекрасен муабет. Пред коооперација и на комитски забави сите се задоволни од таков муабет.
Може со таа популистичка реторика уште долги години да се одржува на власт. Ама што фајде имаме ние ако ни изгуби уште 10 години од животот? Како што изгубивме со оној неговиот претходник што едно сабајле се јави: „Јас сум во Будимпешта сега“.
Имаме сериозен проблем.
Од една страна имаме премиер кој секојдневно со личен пример и однесување ни докажува дека не може да направи општо национално помирување ни дома, а не пак да влезе во сериозен дијалог надвор, колку и да е тој мачен, со Бугарија и со ЕУ.
Од друга страна го имаме лидерот на СДСМ Венко Филипче, кој наместо да ја обедини опозицијата, да ги смири раскараните страни и да ги привлече сите што не се согласуваат со политиката на ВМРО-ДПМНЕ, се испокара и со своите луѓе. И тоа толку лоши зборови за нив истури што дури ни во најгнасните соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ не се употребени.
Штета што немаме некој лидер што е спремен да сослуша, да разговара, да преговара… Особено, да е спремен на дијалог без да се злоупотребува ветото на Бугарија, за дома да се задржи статус кво.
И како капак на сè, она што е уште пофрустрирачко, во ЕУ процесот паднавме во друштвото на земјите од Западен Балкан што се испокарани меѓу себе. И тоа баш сега кога ЕУ после 13 години реши да се проширува и измислува креативни решенија како тој процес да го олесни.
Уште колку животи имаме?
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК






