ММФ благо ја зголеми прогнозата за глобалниот раст, влијанието на вештачката интелигенција врз пазарот на трудот го спореди со цунами

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) благо ја зголеми прогнозата за растот на светската економија во 2026 година на 3,1 отсто, но предупреди дека растот ќе остане слаб, додека за влијанието на вештачката интелигенција врз пазарот на трудот оценката е дека ќе се шири како „бавно цунами“.
Фондот во јуни предвидуваше глобален раст од три отсто, додека светската економија во 2025 година оствари раст од 3,5 отсто. Во најновиот извештај се наведува дека американската економија ќе бележи стабилен раст од 2,3 отсто и во 2026 и во 2027 година.
ММФ сега очекува цените на нафтата во текот на годинава да се зголемат за речиси 41 отсто, на просечно 96 долари за барел, што би ја зголемило глобалната инфлација на 4,7 отсто во 2026 година, од 4,1 отсто минатата година.
Ажурираната прогноза беше објавена во пресрет на есенските состаноци на ММФ и Светската банка во Бангкок.
Во извештајот се наведува дека подемот на вештачката интелигенција ги ублажува негативните ефекти од значително повисоките цени на нафтата и гасот, но придобивките не се рамномерно распределени. САД и Кина сочинуваат повеќе од три четвртини од нето-побарувачката за увоз на компјутерски чипови и друга опрема поврзана со вештачката интелигенција.
Директорката за истражување на ММФ, Силвана Тенрејро, изјави во Бангкок дека економските прогнози се изразено нерамномерни.
Според извештајот, 32 земји сега сочинуваат 95 отсто од глобалниот раст, во споредба со 54 земји во април.
Директорката на ММФ, Кристалина Георгиева, го опиша влијанието на вештачката интелигенција врз пазарот на трудот како „бавно цунами, но сепак цунами“.
„Проценуваме дека со текот на времето ќе бидат засегнати околу 40 отсто од работните места во светот – некои ќе бидат унапредени, други ќе бидат деградирани или укинати. Дел од тоа влијание веќе го гледаме“, рече Георгиева.
Растот на развиените економии годинава треба благо да се зголеми на 2,1 отсто, од два отсто во 2025 година, пред да забави на 1,9 отсто во 2027 година.
Прогнозите се засноваат врз претпоставката дека испораките на нафта и гас преку Ормуската Теснина ќе бидат обновени до март и дека побарувачката поврзана со вештачката интелигенција умерено ќе се намали.






