ЛДП: А да го укинеме судството, и онака не добива пари колку треба од Владата

Либерално-демократската партија (ЛДП) преку соопштение реагира на случајот со Ива Михаилова, оценувајќи дека тој ја покажува сериозната нефункционалност на државните институции и отвора прашања за владеењето на правото во Македонија.

Од партијата посочуваат дека случајот не треба да се користи за поттикнување етнички поделби и националистички кампањи, туку да се разгледува низ призмата на одговорноста на институциите. Пораките што, според ЛДП, биле испратени од Софија ги оценуваат како скандалозни и сметаат дека укажуваат на сериозни проблеми во правосудниот систем.

Од ЛДП наведуваат дека треба да се испита и дали со постапките во овој случај се сторени нови кривични дела. Особено ги критикуваат изјавите на адвокатот на Михаилова, кој, според партијата, со тврдењето дека ја „зеле судбината во свои раце“ дополнително ја продлабочил правната и институционалната криза.

Партијата оценува дека е недозволиво лице обвинето во постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, наместо да се соочи со правдата и да ги почитува судските ограничувања, да биде претставувано како жртва.

Од ЛДП велат дека случајот предизвикува огорченост кај јавноста и ја нагласува потребата од одговорност.

Според партијата, во државата треба да функционираат полицијата, безбедносните камери на граничните премини и службите задолжени да спречат излез од земјата на лица со одземени пасоши и изречени забрани.

ЛДП прашува како било можно да се случи ваков случај доколку институциите ги извршувале своите надлежности.

Од партијата сметаат дека измените на Кривичниот законик и ослободувањето од одговорност на функционери испратиле порака дека лицата на власт можат да постапуваат без последици.

Според нив, случајот со Михаилова дополнително го засилува впечатокот дека институционалниот систем се движи кон хаос и анархија.

Извор: fokus.mk 

Back to top button
Close