Протести во Франција: Студентите тврдат дека 90 отсто од факултетите се блокирани или затворени

Денеска низ Франција се одржуваат демонстрации на ученици од средните училишта, со што започнува петтиот бран на мобилизација со барање за повеќе средства за училиштата и образованието, а студентскиот сојуз тврди дека 90 отсто од факултетите во земјата се блокирани или затворени.

Според податоците на француското Министерство за високо образование, прекини во работата се забележани во 35 отсто од институциите, објави телевизијата БФМ (BFM TV).

Министерството за внатрешни работи соопшти дека утрово пред училиштата низ Франција се одржале 360 демонстрации на кои се собрале околу 30.000 луѓе, додека 21.000 демонстранти учествувале во маршевите што започнале до пладне.

Податоците на Министерството за високо образование за прекините во работата ги опфаќаат универзитетите што се блокирани, окупирани или административно затворени, како и институциите погодени од други форми на блокада.

Полицијата во департманот Долна Рајна соопшти дека демонстрациите во Стразбур официјално завршиле, но предупреди дека маршот продолжува.

Претседателката на регионот Окситанија, Карол Делга, за весникот „Ла Депеш ди Миди“ (La Dépêche du Midi) изјави дека штетата на средните училишта во тој регион достигнала четири милиони евра.

Како што наведе таа, таа сума одговара на вкупниот годишен буџет што регионот го издвојува за редовно одржување на сите средни училишта.

Делга ги осуди сите форми на насилство, но додаде дека истрагите покажуваат оти најголемиот дел од штетата во училиштата била предизвикана од лице кое нема поврзаност со училиштата.

Извор: fokus.mk 

Back to top button
Close